Додека светот стравува од коронавирусот, во Битола со денови актуелна тема е зоолошката градина и животот на мајмунот Лука во неа. На социјалните мрежи се појави фотографија од мајмун во стар кафез во лоши услови за живот, кој наводно е мајмунчето Лука, што битолската зоолошка градина го доби од скопската. По ова, мајмунчето беше вратено назад во Скопје, а на Фејсбук поединци и невладини организации апелираа да се затвори зоолошката која е единствена во југозападниот дел од државата.
Видете и ова: Школите и градинките затворени, Македонија-Косово без публикаМајмунчето беше главна тема и во битолскиот Совет, а на дневен ред беше финансиското работење на Општината. Независните советници од „Поинаку“, опозиција во Советот, кои на Фејсбук објавуваа фотографии од старата мајмунара, прашаа зошто дел од средствата што лани биле наменети за зоолошката градина останале нереализирани и префрлени за годинава.
„Излегоа фотографии, онака како што излегоа, а вашата претседателка на Комисијата за животна средина кажа дека јас сум ширела лажни вести, дека на сликата не е дури ни мајмунот Лука. Во извештајот стои дека зоолошката градина со 69 проценти ја реализирала својата програма, меѓутоа 480 илјади денари ги префрлиле во оваа година. Ако не беше состојбата таква како на сликите, зошто зоолошката градина од Скопје по итна постапка дојде и си го зеде мајмунчето од Битола. Нека ми каже некој зашто 480 илјади денари не беа искористени за санација на неколку кафези“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“ Битола.
Тања Крнчева, советник од владејачкото мнозинство предводено СДСМ, вели дека условите во зоолошката не се идеални, но дека треба да се покренат иницијативи за помош, а не да се работи на нејзино затворање.
„Мајмунчето на сликата со која се крена фама не е Лука, сликата е стара. Повторно селектирано реагирате, повторно само за она што ви одговара. Никој од нас не спомна дека условите во зоолошката градина се идеални и дека ништо не фали. На кого ние му ги нахранивме устите со нашата зоолошка во Битола? Јавно се закануваат од Скопје, од здружение дека ќе ја затворат зоолошката градина во Битола. Таа нема да се затвори. Наместо да се прашаме кој колку може да помогне, ние си ги храниме устите и им даваме материјал на оној кој е најмалку компетентен да ја затвори зоолошката“, рече Крнчева.
Видете и ова: Културата во „самоизолација“... или во „карантин“Директорот на зоолошката градина, Марјан Наловски, вели дека поради еден стар кафез не може да се бара затворање на градината со животни во Битола која е единствена во југозападниот регион.
„Ние не се откажуваме од тоа да се подобрат условите во Зоолошката градина и тоа е секако и наша желба и визија, меѓутоа не може врз основа на една фотографија да се одредува имиџот или сликата за целата градина. Имаме само два кафеза од постар датум, оној за мајмуните и кафезот со базен за мечката, а другите кафези се понови или реновирани“, велат од Зоолошката градина.
Од таму додаваат дека животните се добро нахранети, а просториите им се затоплуваат со печки на пелети, имаат комора за длабоко замрзнување која збира месо до 5 тони, а им даваат и разновидна храна.