Слободен печат на насловната објавува: „Се зголемува притисокот, мигрантите стеснети меѓу 1000 турски специјалци и 3 бедеми до Европа“. Истиот весник и порталот СДК.МК информираат дека „По вчерашниот мирен ден, изутрината имало инциденти на грчко-турската граница награничниот премин кај Еврос. Солзавец и шок бомби биле фрлени од турска на грчка страна, а грчката полиција одговорила со водени топови“, ја пренесуваат веста на дописничката на МИА од Атина. Слободен печат јавува и за критичната состојба на островот Лезбос: „Локалното население удри по бегалците и ги блокира улиците што водат до бегалскиот камп Морија, во кој според Дојче веле условите се катастрофални“. Вечер ја објавува турската мапа со препораки за правците за движење на бегалците и во насловот прашува „Дали Македонија ќе се спаси од бегалците“. Инаку, мапата со препораки мигрантите да одат најпрвин во Франција, а потоа и во Германија, ја објавила и турската државна телевизија, а списанието Форин полиси смета дека „Ердоган и Турција плански упатуваат десетици илјади мигранти кон тие две земји со цел да обезбедат поддршка за Турција во нападите против Сирија“. И Нова Македонија ја објавува мапата, но со свој наслов: „Турција ја штити Македонија од мигранти“ и со објаснување дека рутите што им се препорачуваат на мигрантите ја заобиколуваат земјава и другите поранешни Ју-републики и дека тоа не е за изненадување со оглед што Македонија уште во 2008 година потпиша Договор за стратегиска соработка со Турција и на долгогодишните одлични односи меѓу двете земји.
Видете и ова: Ситуацијата на македонско - грчката граница е стабилнаВечер и другите портали ја објавуваат заканата на српскиот претседател Вучиќ дека ако има наплив на мигранти, Србија „ќе ја затвори границата кон Северна Македонија“. Бегалската криза е темата во рубриката „Во фокусот“ на неделникот Капитал, при што се прави осврт на случувањата на границата помеѓу Турција и Грција и се информира дека „раководството на ЕУ дојде на границата за да ја извиди ситуацијата и вети помош за Грција од 700 милиони евра, опрема, хеликоптери и друго заради полесно справување со бегалската криза“.
Видете и ова: Инфодемијата поопасна од самиот коронавирус
Медиумите продолжуваат да ја следат состојбата со ширењето на коронавирусот кај нас и во светот. Нова Македонија го објавува соопштението на Министерството за здравство дека се негативни тестовите за вирусот на двајцата туристи, едниот државјанин на Австралија, другиот на Сингапур, сместени во хотел во Скопје, и дека министерот Филипче побарал од Владата забраната за одржување јавни собири како превенција од ширење на болеста да продолжи уште една недела. Вечер има наслов: „Единствената заболена од коронавирус во Македонија е негативна на последниот тест, но следи ново тестирање. Негативен бил и тестот на нејзината ќерка, која заедно со мајка си е во изолација на Инфективната клиника“. Порталот Курир.мк објави дека и во Словенија, која беше единствената земја каде што досега немаше заразени од вирусот, сега се потврдени вкупно 6 случаи. Истиот портал објави дека „Коронавирусот пристигна и во Србија: Заболениот дошол од Унгарија“. Онлајн неделникот Глобус објави анализа со наслов: „Епидемија што ја разболе економијата – коронавирусот ја ’грипоса‘ светската економија – ќе има ли последици и за нас?“ Слободен печат наслови: „Компаниите Фејсбук, Гугл и Мајкрософт поради коронавирусот им наложија на вработените да работат од дома“.