Капитал пишува дека се водат „Жестоки преговори за новиот закон за ЈО“, но дека „За да завршат криминалците зад решетки не е доволен само закон“.
„Компромис или пазарење – со кој критериум ќе се затвори оваа парламентарна сесија?“ – прашува онлајн магазинот Глобус.
Порталот СДК.МК во насловот информира: „Џафери закажа седница за распуштање на Собранието за в недела, ама отвори врата за ново парламентарно мнозинство“. Во текстот се додава дека навестувањето за ново парламентарно мнозинство од страна на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски преку својот ФБ статус, доколку се продолжи со „тактизирање и ако на кој и да е начин се оневозможи гласање на важните закони меѓу кои е и оној за ЈО постои реална можност да направиме ново парламентарно мнозинство...“, а дека „во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ постои радост кај некои пратеници засегнати од истраги и обвиненија кои тврделе дека напнатоста може да спласне бидејќи ДУИ ја презема контролата врз (не)носењето на Законот“ – пишува СДК.МК.
Неделникот Фокус ја пренесува изјавата на Талат Џафери за Дојче веле: „Ако не сакаат избори, нека кажат, не сме венчани“.
Видете и ова: Собранието ќе расправа за Законот за ЈО и Мизрахи, а в недела ќе се распушти
Порталот Плусинфо и други портали ја објавуваат изјавата на техничкиот премиер, Оливер Спасовски: „Парламентот нема да се распушти без да се донесат законите“ и „Со ДУИ имаме коректни релации, пред избори секогаш има тензии“ и оти се надева дека ќе се реализира она што било договорено со ДУИ.
Вечер ги објавува, како што пишува, „сите детали за пазарот на СДСМ за мнозинство“.
Порталот Република го цитира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од интервјуто за Алфа ТВ: „Со законот за ЈО Заев сака да не одговара за криминалот кога ќе отиде во опозиција“.
Во друг наслов Вечер наведува: „Падна пред избори?! СДСМ во новото мнозинство има 67 пратеници“. Од текстот се дознава дека тоа би било ако има избори.
Видете и ова: Пратениците едногласни за НАТО
Во шумата вести за Законот за ЈО и за тоа дали се нарушени односите меѓу СДСМ и ДУИ, некако се спровираат вестите за ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, за што гласаа 114 присутни пратеници, а двајца не го дале својот глас, и дека „Пред Собранието е подигнато знамето на НАТО“, како што наслови Нова Македонија.
Слободен печат и повеќе портали објавуваат дека на крузерот закотвен во Јокохама, Јапонија, Македонец од техничкиот персонал бил заразен од коронавирусот, но според Министерството за здравство тој бил во добра и стабилна состојба.