Ликовната естетика на Анка Стоилковска ретроспективно во Куманово

„Недовршени соништа... Траги на вечноста“ е насловена ретроспективната изложба на слики и цртежи на прерано починатата и многупати наградувана уметничка Анка Стоилковска, што од 7 до 19 февруари, се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Анка Стоилковска е автор со автохтон цртачки и графички јазик и ликовна естетика, изградени со внатрешна енергија и чувство што не обврзува со почит. Нејзините творби претставуваат лирско-таинствен говор во настојувањето да истакне енергија и ритам на тој нејзин ликовен израз.

Ова во една пригода за кумановската уметничка ќе го напише историчарот на уметност Љупчо Маленко.

Неговиот колега Гоце Божурски, по друг повод, пак, ќе забележи:

Творечкиот чин за неа е активност на отворен истражувачки процес. Нејзината љубопитна творечка природа постојано е во зависност од емотивните расположенија и силни внатрешни доживувања па поради тоа е подготвена повторно да пристапи во потрага по нови изразни можности. Радикалната ликовна трансформација во сугестивни знаци и симболи ја сочинува своевидната удобна архитектоника. Евидентни резултати на нејзината уметничка визија е постигна во малите прозорци, како фокусирани лирски етиди во кадрирани секвенци на sидните површини...

И, сето ова како вовед во реалноста кој вели дека „Недовршени соништа... Траги на вечноста“ е насловена ретроспективната изложба на слики и цртежи на прерано починатата и многупати наградувана уметничка Анка Стоилковска, што од 7 до 19 февруари, се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

А, во продолжение и тоа дека на поставката се изложени дваесеттина дела од нејзиниот повеќегодишен творечки период кои многу повеќе говорат за раскошниот талент на кумановската авторка.

Родена 1972 година во Куманово, Анка Стоилковска најнапред завршила Средно училиште за применета уметност и потоа Факултет за ликовна уметност во Скопје, на графичкиот оддел во класата на професорот Димче Николов. Во 1997 година, по само две години од дипломирањето, станала член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, за да во 2005 ги комплетира и магистерските студии во Софија, соседна Бугарија, на тамошниот графички оддел кај професорите Стојан Стојанов и Здравко Стојанов.

Како уметничка авторка е на 12 самостојни изложби во повеќе градови во земјава и во странство во периодот од 1997 до 2013 година, а учествувала и на повеќе национални и интернационални групни изложби, ликовни колонии и проекти кадешто се претставувала со графики, цртежи и со слики.

Во тој период и се случиле и студијските претстои во Cite Internationale des Arts во Париз, Франција и оној во Њујорк, во САД, а за своето творештво добитничка е на повеќе значајни награди и признанија како: Откупната награда на Галеријата Мијачки Зографи и Наградата за сликарство „Мал формат“ на ДЛУМ – обете во 1998 година, две години подоцна и Откупната награда за цртеж од НУБ и Големата графичка награда на ДЛУМ, потоа и Наградата за графика „Димче Николов“ во 2002 и Наградата за цртеж „Никола Мартиновски“ наредната 2003 година.

Во овој убав низ на признанија е и Откупната награда за графика за ТВ.Телма, по што следувал на приватен план еден мачен период за уметничката која на болеста и подлегнала на 22 декември 2018 година.

Не е мал бројот на историчарите на уметност кои пишувале за нејзиното творештво, но во оваа пригода во чест на актуелната рестроспективна изложба „Недовршени соништа... Траги на вечноста“ уште две видувања. Така Маја Чанкуловска ќе нотира дека „реминисценција на нејзиниот ликовен израз се четирите основни елементи: каменот, прозорецот, тантелата и текстот кои функционираат како симболични дури иконични елементи“, а Конча Пирковска ќе напише: „Писмото на ова писмо“ му припаѓа на еден друг свет поинаков од светот на возрасните. Конфигурацијата на суптилно конципираниот надреално-фантастичен свет од бајките на набљудувачот му сугерира рецепција на детски ракурс. Предметите и различните објекти стануваат субјекти и носители на нарацијата. Но опстојувањето на светот во овор жанр, колку и да се чини привлечно, толку е во суштина макотрпно и опасно. Насладата во ваквиот творечки лавиринт секогаш го демне авторот-жртвата, пред нова фантазија, никогаш истоветно убава и заводлива како претходната.

Од друга страна, следејќи ги сопствените мисли околу цртежот Анка Стоилковска ќе запише:

Мојата потреба за изразување преку цртежот се појави уште на мојата прва самостојна изложба каде покрај изложените графики имаше срамежливи обиди и експериментирања во тој правец. Тие обиди беа комбинација на темпера и пастел. Со температа се обидував да добијам позадина и широки плохи кои одозгора ги исцртував со пастел. Уште на првата изложба чувствував потреба од присуство на боја којашто била загушена во време на студирањето. Во комбинација на цртеж и плоха, форма и линија, движење и ритам, статика и динамика, барајќи оригинална идеја, спонтано го градев секој цртеж придржувајќи се кон она што се вика ликовни елементи и принципи.