„Прага интима“ - личната фото-приказна на Деков во НЛБ Галерија

„Прага интима“ плод на љубовта на прв поглед со градот

„Прага интима“ е насловена изложбата на црно-бела фотографија на македонскиот автор Влатко Деков што од 5 до 17 февруари се одржува во НЛБ Галерија во Скопје. Станува збор за „интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот“.

По нецели четири месеци од првичното претставување во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, фотографот Влатко Деков со изложбата „Прага интима“ еве го до 17 февруари во НЛБ Галерија во Скопје.

За поставката на која посетителите ќе имаат можност да погледнат 34 црно-бели фотографии и која со себе ја донесува и фото-книгата со истоимен наслов како изложбата на Деков во издание на ИЛИ ИЛИ, ќе биде забележано дека „на трагите на она што го работеше познатиот чешки фотограф Јосеф Судек, „Прага интима“ ги доловува скриените, вонвременски делови на градот, најчесто без присуство на луѓе“.

Во кусиот опис за изложбата авторот забележува: „Постојат места каде времето е застанато, а со него и приказните за луѓето кои живееле таму. Во тие места се заљубуваме, нѐ маѓепсуваат и нѐ цртаат како ликови во нивните приказни кои потоа ги раскажуваме. „Прага интима“ е визуелна приказна за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот, Прага“.

„Многу луѓе ме прашуваат зошто сум одлучил да работам фото проект за Прага, а не за некој град во Македонија. Мојот одговор е следен: Уште првиот пат кога стапнав во Прага пред петнаесеттина години јас се почувствував како да доаѓам во мој град, како таму да сум живеел одсекогаш. Моите релации со градот се воспоставија во истиот момент. Навистина тоа беше љубов на прв поглед. Се чувствувам убаво во градот како ретко каде на друго место и пред две и пол години решив да му посветам една фото приказна . Така се роди идејата за „Прага интима“, лична интимна приказна преку која сакав да ги доловам оние скриени делови на градот кои според мене му ја даваат душата и пред се вонвременоста со која пулсира градот“, вели Деков.

Инаку, проектот е работен две години, период во кој авторот ја посетувал Прага повеќепати, живеел и ја фотографирал во текот на летниот и во зимскиот период додека бил таму.

Конечно, Влатко Деков како фотограф досега учествувал на повеќе групни изложби, а „Прага интима“ е негова втора самостојна изложба. Негови фотографии објавувале повеќе специјализирани списанија и медиуми за култура и уметност во земјава и странство, а добитник е на наградата за најдобро видео и фото репортажа на ТВ Телма и емисијата Топ Тема за 2019 година.

Враќајќи се наназад Деков и со појаснување дека неговата прва самостојна изложба „Интровертност“ понудила лица и колор фотографии и тематски била врзана за состојбите на интровертност.

Од друга страна, прашан за новиот проект авторот со информација дека во меѓувреме го комплетирал материјалот што ќе му биде посветен на еден друг европски град – на Ница, на југот на Франција. Всушност на прочуената тамошна „Променада на Англичаните“.

„Тој проект е спремен и се надевам дека оваа есен ќе и биде претставен на скопската и воопшто на македонската публика. Прилично се разликува од „Прага интима“ затоа што во конкретниот случај во Ница ги фотографирав сите оние луѓе којшто ги среќавав на Променадата. Јас со нив разговарав и за дел од нив имам и одредени приказни. А, зошто ја одбрав Ница? Едноставно затоа што тој град и таа Променада привлекувале многу внимание. Пред 100-на, 200 години таму биле само благородниците од Англија, а сега во последниов половина век во Ница, токму на тоа шеталиште ќе најдете и луѓе коишто се многу богати но и такви кои се навистина сиромашни. Едноставно и двете лица на Променадата ќе бидат претставени во тој фото-проект“, истакнува Влатко Деков.