Милион евра за прекугранична соработка на Куманово и Гњилане

Во Општина Куманово се одржа работна средба на делегации од општините Куманово и Гњилане, предводени од Градоначалниците Максим Димитриевски и Љутфи Азири.

Проектите предвидуваат изградба на игралишта, амфитеатар, трим патеки, реконструкција на улица, набавка на контејнери за отпадоци. Куманово и Гњилане соработуваат десет ипол години.

Општина Куманово од македонска страна и Општина Гњилане од косовска страна добија околу милион евра од европските фондови за два проекти за прекугранична соработка. Тие добија пари за проектот „Зајакнување на вредностите на културното и природното наследство“ и за „Одржливи еколошки и здравствени придобивки во прекуграничната област“, соопштија градоначалниците на Куманово, Максим Димитриевски и на Гњилане, Љутви Азири.

„Едниот проект се однесува на „Зајакнување на вредности на културно и природно наследство“ во општините, со вкупен износ од 477.000 евра, а се однесува на изградба на игралишта, амфитеатар, трим патеки и други содржини од интерес на граѓаните на локација Спомен костурница во Куманово. И вториот проект за „Одржливи еколошки и здравствени придобивки во прекугранична област“, во кој што освен општините,партнери се и јавните претпријатија „Водовод“од Куманово и „Хидроморава“од Гњилане. Овој проект е со вкупен износ од 553.000 евра и се однесува на комплетно решавање на подземна инфраструктура на улицата „Братство – единство“ , односно потегот од Градска џамија до автобуската станица“, вели Димитриевски.

Тој додаде и дека истовремено се обезбедени средства и за набавка на 150 контејнери за отпадоци.

Градоначалниците Максим Димитриевски и Љутфи Азири.

Според Азири двете општини соработуваат веќе деценија ипол, а и овие два проекта се во интерес на јакнење на прекуграничната соработка, но и за подобрување на животните услови на граѓаните во регионот.

Видете и ова: Малите производители да се вклучат во интернет трговија

„Овие средства од милион евра се дел од ИПА 2 програмите, а се од граѓаните на ЕУ кои плаќаат даноци. И ние како општина од југоисточно Косово и Куманово како дел од Република Македонија ќе помогнеме да се продлабочи соработката и помеѓу нашите држави и помеѓу Македонија-Србија, Македонија-Бугарија и другите земји од регионот. Оваа соработка во овој дел на Западен Балкан докажува дека можеме да ги надминеме тие пречки за комуникација и размена на стоката и бизнисот“, вели градоначалникот на косовската општина.

Азири рече и дека двајцата градоначалници работеле и на што отворањето на граничниот премини Станчиќ-Белановце, кој во употреба беше пуштен пред неколку денови. Димитриевски најави дека долгогодишната соработка со Општината Гњилане на 10 ноември годинава, на 501-та годишнина од постоење на Куманово двете општини ќе ја крунисаат со збратимување.