Регионалниот центар за евроинтеграции од бугарскиот град Ќустендил со својот македонски партнер Центарот за одржлив развој ЕЛИПСА од Куманово, во рамките на прекугранична соработка, заеднички ќе работат на една онлајн платформа за електронска трговија. Овој вид трговија е наменет за трговска соработка помеѓу занаетчиите, земјоделските производители и микро-претпријатија. Потенцијални купувачи, интернет корисници, млади луѓе заинтересирани за претприемништво, малите бизниси, занаетчии и земјоделци, како и лицата со попреченост и од малцински групи се целната група на овој проект.
Даниела Стојанова раководител на проектот од Ќустендил пред 70-ина претставници од Бугарија и Македонија во Ќустендил ја претстави програмата по која ќе се одвиваат активностите за успешна прекугранична соработка.
„Целта на проектот е да го развива бизнисот во регионот и да можат луѓето од малите и средните претпријатија, занаетчии и земјоделските производители да ги претставуваат своите продукти на онлајн платформата, која ќе биде изготвена по завршување на проектот. Таа платформа треба да добие на својата популарност, а продуктитекои што ќе ги произведуваат малите и средни претпријатија, занаетчиите и земјоделските производители да бидат популаризирани во регионот, но и во светот“, вели Стојановска.
Кумановскиот Центар за одржлив развој ЕЛИПСА според Игор Георгиев на проектот насловен Онлајн маркетинг за конкурентност и иновативност, а во рамките на меѓународна соработка помеѓу Бугарија и Македонија за мали и средни претпријатија, појаснува дека се работи за создавање мрежа во која преку алатки за дигиталната трансформација за поконкурентни и поиновативни продукти на пазарот ќе се помага подобрување на економијата.
„Оската е во економија, односно за одржлив економски развој за мали и средни претпријатија. Проектот е од меки мерки каде што нема директна помош, туку преку обука, преку учество и истражувања да се поттикнат и помогнат малите и средните претпријатија.“
Според Стојанова и до сега малите и средни претпријатија како и занаетчиските и земјоделските производители своите производи ги рекламирале преку фејсбук и други социјални мрежи, но со воспоставување на оваа онлајн мрежа, можноста за рекламирање, со тоа и за пласирање на производството на меѓународниот пазар се зголемува. Со тоа на производителите на одреден начин им се олеснува, особено што вклучените учесници во проектот преку обуките ќе бидат добро подготвени брзо и ефикасно да ги претставуваат своите производи. Особено што проектот е меѓународен и производството полесно ќе може да излегува од рамките на една земја. Во текот на овој декември освен во Ќустендил проектот ќе биде претставен и во Куманово.