Завод за рехабилитација на слух, говор и глас од Скопје неодамна отвори канцеларија во поранешниот кумановски Уред, за пружање помош на лицата од сите возрасти, кои за надминување на овие проблеми биле принудени да патуваат во Скопје. За услугите од логопедот во оваа испостава во Куманово пациентите, како што објаснува логопедот Ана Орозовиќ - Алексиќ, со упат од матичен лекар треба најмалку еднаш да се јават во Заводот во Скопје, каде што треба да ги поминат сите неопходни процедури во кои се вклучени тимови стручњаци од таа област. По завршување и добивање картон, пациентите ги презема логопедот за натамошна своевидна терапија.
„За сите граѓани од овој град отворање на овој кабинет е значајно затоа што децата и возрасните нема да се малтретираат и да одат во Скопје. Особено што кај некои дијагнози период на лекување е долготраен, некогаш се работи и повеќе од една година. Тоа е и трошок за родителите, а најголемо малтретирање е за малите. Родителите кои што своите деца ги носеа во Скопје сега се многу среќни и се надевам дека ќе излеземе во пресрет на сите деца, а и на возрасни кои имаат потреба од овој вид стручна помош“, вели Орозовиќ - Алексиќ.
Видете и ова: Модерната технологија пречка за говорот кај децата
Мајка на 12 годишно дете кое има проблеми со читање вели дека и до сега имало обиди да го надминат овој проблем, но одење во Скопје одзема и повеќе време, а и трошок. Таа е социјален случај и со тоа што сега ќе може да го носи детето во својот град е олеснителна околност.
„Првин велеа дека има проблеми со залепен јазик, но потоа се испостави дека не е. Сме биле во Скопје, во Центар за ментално здравје, на повеќе места, сега ова е нешто друго,“ вели мајката.
Логопедите работат со пациенти кои имаат различни проблеми, најразлични дијагнози поврзани со говорот и слухот. Со упорна работа се постигнуваат целосни резултати, или пак прилично се ублажуваат, а кај нив се јавуваат и најтешки случаи, како што се на пример, деца без говор. Проблем имаат и деца со задоцнет говор, со проблеми во граматиката, со разни видови пелтечење, дислексија, проблеми во читање и пресметување. Исто така логопедите работат и со возрасни кои го изгубиле говорот како последица од преживеан мозочен удар, некој стрес, или пак од некои други причини.
Кабинетот што е отворен во Куманово со, засега, еден логопед веројатно нема да може да ги задоволи потребите на сите пациенти од најголемата општина во државава. А такви кабинети или дисперзирани амбуланти има во повеќе делови од Скопје, во Тетово и во Крива Паланка.