Јовановиќ со стрип за „фиљан“ Скопје

„Скопје за почетници, добро упатени и понављачи!“ е насловен стрипот на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ што се појави неодамна и чија цел е како што вели самиот „да ги зачува спомените и сеќавањата за овој град“.

„Велат дека приказни за градот има колку што има жители во него. Ова се само дел од приказните за Скопје и скопјани“.

Ова меѓу другото, во краткиот воведен текст од насловната страна на својот стрип „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи!“, ќе го забележи авторот на концептот и цртежите, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.

Стрипот се појавува по цели две години од објавувањето на неговата графичка новела „Хашиш“ и минатогодишната изложба „Усвитени глави“, неговото присуство на последното издание на Галичка колонија, на исклучително значајниот проект на Музејот за современа уметност – поставката „Сè што ни е заедничко“ каде беше еден од трите присутни македонски творци...и така со ред. Беше објавен на преминот во 2020 година како додаток на 24 страници во еден од дневните весници ( Слободен печат) и веднаш „пламна“ за да сега се третира како реликвија од сите оние кои барем и малку покажуваат почит кон „осмата“ ( или ако саката „деветтата“) уметност во срединава на изместени вредности и негрижа за вредните исчекори во културата.

Јовановиќ знае да каже дека како ликовен уметник низ годиниве се занимавал со разни типови на проекти, но дека во последниве две години посебно го привлекол стрипот и графичката новела, нешто што како помлад го работел, но не со тој интензитет.

„По објавувањето на графичката новела „Хашиш“ почнав да зависам од медиумот. Од друга страна сметав дека преку овој медиум можат да се зафатат голем број на теми. Во овој медиум имате голема слобода. Не зависите од повеќе луѓе во смисла на договарање и т.н. ...Тука сте вие како автор, белата хартија и моливот и слободни сте да развивате приказни во најразлични правци“, вели авторот.

Тој појаснува дека во однос на темите првиот број од „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи!“ го поставил така за да овозможи ширење во однос на темите во иднина. Дека направил неколку рубрики како „Фиљан скопјани“, посветена на урбаните ликови на овој град кои не така често биле забележани од страна на пошироката јавност за нивната работа, а нему лично му биле и се многу битни.

„Фокусот е на тие јавни личности за кои не слушаме толку често или не е толку пишувано, нивните животи не се документирани на начин како што се забележани животите на тие најпознати, знаменити, извикани личности. Така, во првиот број во „Фиљан скопјани“ се третирани Рефет Сулејмани – Алфонсо чиј дух лебди над градот и кого мнозина го познаваат по малите епизодни улоги во филмовите „Дом за бесење“ и „Црна мачка – бел мачор“, потоа Соња Иванова која со својата мала , но богата тезга за книги „влева надеж дека невкусот во Скопје сепак не извојувал конечна победа“...архитектот Живко Поповски. За вториот број ми се готови цртежите на рокерот Уки, славниот кошаркарски тренер Лазар Лечиќ...Знаете немам прецизна агедна кои ќе бидат тие луѓе. Пробувам тој процес да оди сосема природно. Овие луѓе се и за мене не раскинлив дел од градот. Сум ги среќавал многу често движејќи се можеби слични места...еве Уки и Шпиц сум ги слушал и гледал многупати на Градскиот плоштад или во Старата скопска чаршија. Јас и моите соработници, неколку писатели - Иван Шопов, Оливера Ќорвезировска и Жарко Букинац, сакавме да ги сочуваме од заборав одредени локации, одредени ситуации...Да останат во колективната меморија на овој град. Ми се чини дека Скопје на мојата генерација и на генерациите постари и помлади од мене е прилично различно. Градот е една динамична структура, но во случајот на Скопје ми се чини дека сме сведоци на радикални промени во кои немаме доволно свест да одиме напред, но во исто време да ги сочуваме оние вредности кои се лична карта на овој град“, смета Јовановиќ.

Ѓорѓе истакнува дека самиот не сака многу да се впушта во процесот на пишување и затоа се решил во иднина да го шири кругот на писатели негови соработници при подготовката на „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи!“.

„Јас не сакам премногу да се впуштам во делот на пишување. Можеби не се чувствувам доволно комотен во литературата. Од друга страна мислам дека соработката со писатели дава сосема една друга вредност, друга визура на приказните. Еве веќе забрзано работам на новиот број. Има многу идеи и сакам да го оставам процесот на работење на овој стрип што е можно поотворен бидејќи на тој начин ќе успееме да зафатиме многу повеќе интересни ракурси и перспективи на овој град. Сакам да се зафатам со некои теми кои не се често претставени, покриени во меинстрим медиумите. На пример – македонската архитектура. Живко Поповски, еден од авторите на проектот за ГТЦ, е дел од првиот број но веќе работам на една приказна за архитектката Мимоза Нестороска Томиќ и би сакал да направам кратки приказни за некои други архитекти не само од периодот на пост земјотресно Скопје туку и претходно. Пример архитектите кои работеле во Скопје на почетокот на 20 век. Ми се чини дека немаме доволно свет за зачувување на спомените, на сеќавањата за градот. Тоа за мене е голем проблем и можеби тоа е еден од најголемите мотиви да го работам овој стрип.“

Уметникот е убеден дека неговиот стрип има убава иднина и дека благодарение на издавачот ќе продолжи да излегува и конечно дека во некое догледно време ќе излезе како книга.

„Сега преговараме која би била динамиката на издавањето на следните броеви на „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи!“. Некаде многу далеку од сега сето ова го гледам собрано и во некоја книга, но тоа е нешто што како и самиот процес на работа не сакам да го форсирам. Сега стрипот ја има таа форма на стрип-весник и мислам дека е соодветна. Недостасуваат пред се* дневни весници, а со самото тоа и оние стрип каиши кои во некое време беа нераскинлив дел од било кој весник. Јас не можам а да не кажам дека сум растел на стриповите на Дарко Марковиќ. Затоа и сум неизмерно лут што великанот по неговата смрт ми се чини дека е комплетно заборавен. Јас против тој заборав се борам и Дарко Марковиќ ќе биде ако не во вториот сигурно во третиот број на овој стрип заедно со неговиот најпознат карактер Пецко. Ги замислувам во една приказна во која се шетаат по Скопје и зборуваат за животот во Градот некогаш и денес. Ќе видиме како ќе изгледа сето тоа.“

Јовановиќ како творец исклучително брзо реагираше на успехот на „Медена земја“ и набрзо по објавувањето на двете номинации во јавноста го пласира сопственото стриповско видување на настанатата ситуација, а заедно со неколкумина други автори како Зоран Кардула и други онака како доликува им дадоа подршка на македонските филмаџии во битката за „оскар“.

„Ме понесе ситуацијата. Сакав на тој начин да ја споделам мојата радост. Се чини дека тоа го направија и дузина други уметници, дизајнери и во ова време на социјални мрежи се чини дека тој тип на брза комуникација е позитивна и може да ги придвижи работите и во пожелуваната насока. Потем дебата замина во некои други приземни води за кои не би говорел, но имам чувство дека на филмот му се смешка статуетката. За жал не познавам никој од Академијата за да потурнам малку, но би сакал да потпишам уште еден плакат за нашите идни „оскаровци“. Ете тоа ми е желбата“, искрено порачува авторот.

Роден 1980 година во Скопје, Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности. Тој досега има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек.

Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.

Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, а учествувал на бројни групни изложби во САД, Италија, Холандија, Франција, Шпанија, Португалија, Белгија, Финска, Египет, Грција, Србија, Турција, Словенија, Австрија, Македонија и др.

Остварил повеќе резиденцијални престои: IAAB Базел, TICA-Tirana, La Cité internationale des Arts- Париз, Watermill Centеr- Њујорк, Apartment project-Истанбул, ISCP- Њујорк, CCN-Грац.

Јовановиќ е добитник и на неколку значајни признанија и награди: „Денес“ за млад визуелен уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници, на Музејот на современата уметност за 2013.