Достапни линкови

Школа за ангажиран стрип – уметнички практики за општествени промени


Со цел да понуди иновативен пристап кон поимањето и потенцијалот на стрипот како медиум низ кој може да се артикулираат горливи општествени прашања, оваа среда, на 18 декември, во Младински културен центар – Скопје, беа одржани изложбата и промоцијата на публикацијата на Школата за ангажиран стрип.

Во периодот од април до ноември годинава, под раководство на македонскиот мултимедијален уметник Ѓорѓе Јовановиќ, се одржа Школата за ангажиран стрип чија цел беше да понуди иновативен пристап кон поимањето и потенцијалот на стрипот како медиум низ кој може да се артикулираат релевантни прашања и проблеми во нашето општеството.

Говорејќи за идејата за овој зафат, Јовановиќ нагласува дека стрипот е дел од популарната култура, кој и во вакви тешки услови во кои живееме и посебно состојбите во културата кај нас, сеуште актуелен кај пошироката публика. Тој вели дека за ова сведочи појавата на некое ново издание или превод, а посебно стрип-издание на некој македонски автор.

„Генерално, многу малку се работи на образованието во уметноста воопшто, па оттаму и во областа на стрипот. Затоа сакав тоа искуство што го поседувам, или што го поседуваат сите мои соработници во овој проект да го пренесеме на новите генерации. И затоа можам да кажам дека сум навистина задоволен од она што како резултат го имаме од целиот процес“, истакнува Јовановиќ.

Уметникот појаснува дека во фокусот на Школата за ангажиран стрип било изучувањето на уметничките практики со кои се промовира стрипот како медиум што придонесува кон социјално ангажираните практики и цели кон зајакнување на правата на маргилизираните заедници, вклучувањето на исклучените и осветлување на бројните животни приказни на поединците и заедниците. Дека таквите приказни не можат често да се видат во делата на стрип авторите, ликовните уметници или пак во традиционалните медиуми. Посебно кај нас.

Притоа работата се одвивала во неколку сесии а како предавачи во Школата се менувале неколкумина истакнати автори од различни области и познавачи на стрипот како Томислав Османли ( кој одржал две предавања од кои едносто со акцент на Македонскиот стрип), Славчо Димитров ( кој говорел за квир културата), Жарко Букинац, Далибор Плечиќ и други.

Згора на тоа биле одржани и работилници за кои биле задолжени Владимир Лукаш и потписникот на проектот Јовановиќ, а за време на Школата за ангажиран стрип биле организирани и проекции на играни и документарни филмови во чиј фокус е стрипот, изработка и поставување на стрип постери во јавен простор како и реализација на кратки стрипови.

Александар Танчовски - Невидлив

А, низ целиот тој процес поминале младите Горица Димовска, Гаја Смилевска, Александар Танчовски, Анастасија Зафировска, Теодор Јуруковски, Јасна Николов, Кристијан Поповски и Делфина Велков, чии постери и финални табли стрипови ја красат изложбата и публикацијата промовирани како завршен настан во Младински културен центар – Скопје.

„Нашата интенција беше да го забележиме целиот процес на едукација, но и да ги репродуцираме нивните трудови, така што на крај направивме, според мене, едно прилично убаво и прегледно издание во кое читателиоте и љубителите на оваа уметност ќе можат да видат како се одвивал процесот. Притоа има доста репродукции од нивните цртежи изработени за време на работилниците, фото документација од сите сегменти како се одвивала Школата и се разбира финалните стрипови“, појаснува Ѓорѓе.

Гаја Смилевска - Немам раце

Тој е убеден дека на македонската стрип сцена доаѓа една нова генерација на автори и дека публиката лесно може да се увери во тоа од делата претставени на изложбата.

„Нашите и ликовни и стрип автори имаат неверојатни потенцијали, но единствено што ме загрижува третманот на уметниците кај нас. Тоа влијае и на нас кој сме повозрасни, но особено на младите бидејќи тие особено некако се губат во тој простор, во таа средина која не е доволно мотивирачка. Така што моментите на обесхрабрување и нивно одлучување да престанат со работа се се почести и почести. И од таму идејата на оваа Школа за стрип е да се спротивстави на тие процеси. Да ги мотивира, да им даде поттик и да ги испровоцира самите автори да работат. Да укаже дека нивната работа не е залудна. Дека секогаш ќе постои публика која ќе биде заинтересирана, но за тоа мора да се работи и да се создава некаков континуитет“, ќе рече Јовановиќ

Инаку, Школата за ангажиран стрип, со стекнатите искуства и сознанија, ќе продолжи и наредната година, а проектот оригинално насловен како „Социјално ангажиран стрип- уметнички практики за општествени промени“ финансиски беше поддржан од Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG