Медиумски фокус - Нација сме на крајности

Плакатот за македонскиот документарец „Медена земја“

„Медена земја“, Македонија и ЕУ и – задолжително – предизборните препукувања помеѓу двете најголеми партии во земјава – овие теми го формираат минатонеделниот медиумски фокус

„Историските номинации на ’Медена земја‘ ги уриваат оскаровските бариери, во 92-годишната историја на ’оскарите‘ документарец никогаш не добил номинација за најдобар филм“ пишува Нова Македонија. Порталот СДК.МК во наслов ги цитира зборовите на режисерите на филмот, Котевска и Стефанов, по двете номинации за Оскар: „Ќе продолжиме да испишуваме историја“. И други печатени медиуми и портали информираат за успехот на „Медена земја“, а порталот Република го објавува и твитот на поранешната министерка за култура, Ганка Цветанова: „Атиџе и ’Медена земја‘ не ја отсликуваат македонската реалност – Да снимиме филм за Боки 13 и Ката како по прославите на 1ТВ каде што присуствуваше цела Влада ги апсеа за рекет. Па за Рекет 2, Рекет 3. За аболициран премиер кој една година си прави муабет со лажен Порошенко. Пореално здравје“, порачува Цветанова на Твитер.

Инфографика - Македонски филмови за Оскари, со „Медена земја“

Воведната колумна на неделникот Фокус е посветена на македонскиот менталитет: „Кој беше поводот да се потсетам на зборовите на Горан Стефановски дека малите народи произведуваат многу врева, а големите смисла?“ – пишува колумнистот, па додава: „Зошто ракометот и ’Медена земја‘ предизвикуваат егзалтираност и фрустрации? Нација сме на крајности“.

Вечер насловува: „Американците напишаа: Владата на Заев е диктаторска!“, па го објавува истражувањето на Меѓународниот форум на Националната фондација за демократија во кое „заклучно со 2019 година Македонија регресирала на ниво на авторитарен режим!“ Онлајн магазинот Глобус ја објавува анализата на истата американска невладина организација во која Русија е посочена како главен извор на дезинформации на Балканот во истражувањето насловено: „Двигатели на измама: Како начинот на кој размислуваме ја поттикнува дезинформацијата“. Онлајн неделникот ги пренесува заклучоците од анализата дека „Русија има сериозна улога во ширењето лажни вести во Северна Македонија, а како пример се земаат пропагандата што се ширеше пред и за време на референдумот во 2018 година“. На темата лажни вести во колумната на порталот СДК.МК се вели: „Нормална лага – И така, лагите стануваат вест на денот. Лажењето не е срамно, туку станува нормално...“

Посетата на новиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеји ја следеа речиси сите медиуми. На заедничката прес-конференција, техничкиот премиер Оливер Спасовски изјави дека „очекуваме одлука за почеток на преговорите со ЕУ пред Самитот во мај во Загреб“ – пренесе Нова Македонија. СДК.МК наслови: „Новиот закон за Јавно обвинителство да го донесе сегашниот Парламент, побара еврокомесарот за проширување“. Слободен печат на насловната објави: „’Брзата лента‘ на ВМРО-ДПМНЕ стана кочница – опозициската партија од една страна тврди дека ако дојде на власт ќе ја стави земјата на брза лента кон ЕУ, а од друга прави сè за да не се исполнат клучните услови што ги поставуваат европските институции – да се донесе Законот за Јавно обвинителство, да не се оспорува Преспанскиот договор и т.н“, алудирајќи на изјавите на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Порталите Курир и Република објавуваат факсимил на Упатството за изборна победа што до општинските штабови на СДСМ го испратил генералниот секретар на Партијата. Насловот гласи: „За победа на избори Љупчо Николовски им забрани на своите да ’ломе чаше од кристала‘ по кафеани од 20 јануари до 12 април“.