Претстојниот викенд, клучен за судбината на предвремените избори

Скопје- средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, 11.09.2019

Претседателот на Собранието Талат Џафери откри дека власта и опозицијата постигнале договор за 40 закони, но не и за Законот за одбрана. На 3 јануари, рече Џафери, треба да се заврши целата процедура за избор на техничка влада, а од кога тоа ќе се случи не е можно одложување на изборите.

По два дена блокада на собраниската седница и препирки меѓу власта, опозицијата и две изјави од премиерот Зоран Заев за можно одложување на изборите, владејачкото мнозинство и ВМРО-ДПМНЕ постигнале согласност за носење 40 закони кои имаат примена од 1 јануари идната година. Ова го соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите. Тој прецизираше дека се работи за закони од здравство, финансии и социјала, но за прашањето како власта и опозицијата успеале да се договорат не прецизираше, одговарајќи „прашајте ги Мицкоски и Заев“.

До блокадата на собранието дојде откако на дневен ред на 126 собраниска седница беа ставени 124 закони меѓу кои и оние за зголемување на пензии и плати, по што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано се јавуваа за збор барајќи меѓу другото и некои од нив да бидат тргнати.

Видете и ова: Усвојувањето закони не беше услов за техничка влада


Премиерот Заев тврди дека се работи за закони „кои живот значат за граѓаните“ поради што се закани дека ако опозицијата продолжи со блокадите можно е да не си поднесе оставка на трети јануари 2020 година. Тоа, пак, треба да се случи за да може да се формира техничката влада предвидена со Пржинскиот договор која треба да функционира сто дена пред изборите, договорени за 12 април 2020 година.

„Ако се оди според тоа што го договорија лидерите процедурата предвидува најдоцна на трети јануари до полноќ да е избран составот на техничката влада со тоа што го предвидува Законот за влада во односот на елементите што треба да се променат односно персоналните решенија што треба да се променат во духот на пржинскиот договор“, рече Џафери.

Лидерска за техничка влада викендов

Тој договор, пак, кој се донесе по разговорите во скопската населба Пржино меѓу тогаш четирите најголеми партии- СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА со посредство на меѓународната заедница, владата ќе добие технички премиер по предлог на партијата што има најголемо мнозинство во собранието, во овој случај СДСМ и двајца министри по предлог на најголемата опозициска партија во овој случај ВМРО-ДПМНЕ кои ќе добијат и заменици министри во три министерства. Од владејачката партија за технички премиер се мислат за неколку имиња од кои најчесто споменувани се министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за труд и социјала Мила Царовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ се сосема таинствени за тоа кого ќе предложат за министри во полиција и труд и социјала и за заменици во финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. Работите би можеле да станат појасни викендов за кога е договорена средба во владата меѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на која ќе се консултираат за техничката влада.

Нема договор за Законот за одбрана

Во меѓувреме двете страни, како што информираше претседателот на Собранието Џафери не постигнале согласност за Законот за одбрана кој опозицијата не сака да го гласа поради терминот Армија на Република Северна Македонија. Џафери вели дека од неносењето на тој закон последици во моментов нема, но дека тој е потребен од моментот кога земјава ќе стане членка на НАТО оти во него се дефинира принципот на одлучување во итност што го имаат земјите членки на алијансата.

„Ставовите на политичките партии се тие кои што на Собранието му оневозможуваат да оди напред во процедурата за носење на законот а не самото собрание“, вели Џафери.

Инаку периодов и пред закажувањето на оваа седница, поради која во прашање се доведуваат изборите, собранието доби иилјадници амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ за измените на Изборниот законик зад кои стојат помалите партии и СДСМ, а партиите на Христијан Мицкоски и Али Ахмети се против.