Минатата година беше најавено дека догодина во Тетово ќе има гас, но сепак годинава повторно ново ветување дека овој енергенс ќе се користи наредната 2020 година. Вака во два наврати за две години се зборува од надлежните кога ќе биде овозможена гасификацијата на Тетово.
„Тука се гради главна мерна регулациона станица кај Фалише која ќе биде со капацитет од 22 илјади метри кубни гас на час. Ова е дел од ЛОТ 5 почнува од Скопје завршува во Гостивар од вкупна должина од 78 километри плус крак Тетово 10 километри. Ова е на ниво на 60 отсто книжна реализација, реалната уште поголема бидејќи има 70 отсто реализација, очекувам да биде завршена оваа делница во прва половина од наредната година. По што ќе се следат други испитување на комфор стандарди за градење, така што при крај на наредна година оваа делница ќе биде пуштена во употреба и ќе може да опслужиме со нашите услуги за пренос на нашиот преносен систем“, изјави Бајрам Реџепи, директор на државното акционерско друштво Национални енергетски ресурси.
Видете и ова: Буџет - повторно „реални“ планови за капитални инвестиции
Поради оценката дека процесот на гасификација ќе се соочи со проблеми и одложувања, во невладиниот сектор сметаат дека треба да се избегнат нови потешкотии и да не се дозволи на пример општините да раководат со овој енергенс.
„Општините немаат капацитети да се справат со таков голем проект. Не се во состојба дупките на улиците да ги покријат, снегот да го исчистат од улиците, а камоли да изградат таква огромна мрежа на дистрибуција. Мислиме дека целиот овој проект да се дава на компанија или под концесија или на групација која веќе има искуство со менаџирање на дистрибутивни мрежи некаде во Европа или во регионот“, изјави Арианит Џафери од организацијата Еко Герила
Жителите на Тетово алармираат дека гасот е повеќе од потребен во градот и тоа што поскоро.
„Ќе се намалат средствата буџетски. Потрошувачката домашна. Ако е сигурно направено. Ама не верувам јас во тоа. Пукаат цевките.“
„Повеќе од потребно е. Одамна требало да биде тоа, но можностите биле такви. Што ќе помогне ? Ќе помогне индивидуално ќе има греење поквалитетно, а и еколошки ќе бидеме позаштитени од ова загадување и така натаму.“
„Гасификацијата е еден тренд во светот и во Европа. Така и овде во Тетово е многу потребна гасификација. Со гасификацијата ќе се решат многу големи проблеми. Како најнапред, овие индивидуални ложишта ќе се намали загадување на воздухот, а ќе има и бенефит и целата индустрија и целото индустриско производство. Ќе се намали цената на трошокот на кој било производ кој што се произведува на територија на општина Тетово и пошироко“, велат жителите на Тетово.