Како граѓаните би го решиле аерозагадувањето?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните бараат од политичарите мерки против аерозагадувањето

Граѓаните имаат различни очекувања за тоа дали ќе се реши нешто со аерозагадувањето со политички дебати, но ако се суди по нивните изјави ситуацијата може да тргне кон подобро по минатонеделните протести против аерозагадувањето на кои се приклучија и средношколците.

Темата за загадувањето на воздухот стана проблем од највисок ранг и се најде на денешната седница на Националниот совет за безбедност. Граѓаните имаат различни очекувања за тоа дали ќе се реши нешто со вакви инцијативи, но ако се суди според нивните изјави ситуацијата може да тргне кон подобро по минатонеделните протести на средношколците кои крајно изреволтирани од непреземањето ништо ја бојкотираа наставата.

Многу граѓани веруваат дека воздухот е толку многу загаден во Скопје што мораат да носат маски. Дали се виновни согорувањето на отпадот, индустриските капацитети, прегустиот сообраќај или градежната експанзија или сè заедно јасен одговор нема. Но, едно е сигурно дека смрдливиот и валкан воздух, особено во вечерните часови, кога загадувањето е најизразено е тема на сите разговори, коментари и расправии, како на социјалните мрежи така и во секојдневните разговори на луѓето.

Видете и ова: Со бојкот против аерозагадувањето


„Прво би требало највеќе да се погрижат за децата, зашто децата најмногу ни ги запоставија, по сите училишта да се стават прочистувачи, зашто по пола ден се на училиште, барем додека се на школо да бидат заштитени, секој не може, јас сум самохран родител, не можам дома да купам прочистувач, прескапи се, но додека се во училиште, а потоа ќе се снаоѓаме, еве вака со маски на лице, ќе менуваме филтри.“

„Мора да се намалат штетните гасови што доаѓаат од Дрисла, од Охис, да се минимизира таа работа, второ да се направи нешто со автомобилите, со гужвата, ама не ми се верува. Но, како што почна со протестите има масовна излезеност, мислам дека би требало барем некои одредени чекори да се преземат.“

„Најважно е филтри да стават на големите фирми затоа што тие се први предизвикувачи па сè понатаму, не само да се воведуваат санкции за луѓето кои се греат на дрва. Не гледам дека тоа во иднина би се направило затоа што голем трошок е да се ставаат филтри и големите претпријатија не им е во прилог да се направи тоа.“

„Политичарите треба прво ова што се дивоградби и надградби да се отстранат без разлика колку чини. Имаше профит. Провев нема никаков и треба да се види што е со отпадот што ни се носи. Политичарите некако многу слабо се интересираат, дали народот ќе им биде здрав, дали младите ќе избегаат и ќе плаќаме пари за здравство и ништо од тоа.“

„Сè е до свеста на граѓаните, се гори што не треба, тука сум роден но никогаш не било вака. Отвори прозорец - смрди. Државата прави нешто, но треба време. Сè зависи од нас, гледам по механичарски работилници се гори уље старо“, коментираат дел од граѓаните на Скопје.

Видете и ова: „Здравјето пред профитот“ - порака на зелената револуција

На дебатата кај претседателот Стево Пендаровски покрај членовите на советот, земаат учество и тројца претставници на Здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период одржаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено.

Невена Георѓиевска од иницијативата „O2“ очекува политичарите сериозно да ги сфатат проблемите и последиците кои ги имаме како држава „од игнорирање или нерешавањето или решавање со премногу бавно темпо на проблемите со аерозагадувањето".

„Тие ги носат сите одлуки, значи буквално треба да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да направат целосна стратегија во чие креирање треба да се вклучат стручни лица за сериозно да се пристапи кон овој проблем“, вели Георѓиевска која додава:

„Приоритетно е да се носат закони со кои ќе може инспекцијата да излегува почесто на контрола и да се направи ревизија како работи инспекцијата, зашто има пропусти кои се недозволиви“

Според неа, исто така потребно е проблемите со аерозагадувањето да имаат приоритет и во правниот систем и предметите од оваа област да не остануваат загубени во судските лавиринти.

Во меѓувреме, деновиве ако се суди по погледот кон Скопје од парк шумата Водно или по снимените фотографии од локациите каде што се палат кабли или отпад, ситуацијата со воздухот и натаму е лоша.

Вакви видеа и фотографии граѓаните споделуваат во групите против аерозагадувањето на социјалните мрежи секој ден.

Чадот од запалениот отпад на отворено е само еден дел од проблемот. Активистите порачуваат дека е неопходно соочување и со посложените прашања, како што се емисиите од големата индустрија, домаќинствата, сообраќајот или урбанизацијата, кои и оваа зимска сезона значително го зголемија нивото на аерозагадување.

Во знак на протест што не се решава проблемот со аерозагадувањето, во минатата недела средношколци од неколку скопски училишта ја бојкотираа наставата и покрај тоа што пријавија и притисоци од директорите и професорите. Тие се приклучија на маршот на Зелениот фронт од кој беа упатени над 100 барања до властите.