За поголем извоз потребен е квалитет и поддршка од државата

Македонските производители велат дека квалитетот може да го продаде нивниот производ на странските пазари. Но, бараат помош од државата за купување современа опрема и технологија. Според надлежните, постојат низа мерки за подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Македонските производи кои се квалитетни може да се продаваат на иста маса со европските, тврдат дел од македонските производители кои извезуваат на странските пазари. Сепак, тие предупредуваат дека без државна помош за купување современа опрема и технологија, многу е тешко да се натпреваруваме со западно-европските земји.

Игњат Грозданов е млад земјоделец од Штипскиот крај кој извезува грозје на странските пазари. Грозданов уверува дека квалитетниот производ чини поскапо, но дека квалитетот секогаш и во секое време, се продава.

„Треба да ги менуваме старите размислувања според кои грозјето на пример, какво такво мора да се продаде. Не е така. Ако имаш добар квалитет, треба да добиеш добра цена, ако немаш квалитет сооодветен, не може да добиеш поволна цена. Сепак живееме во пазарна економија, и не може да се убедуваме да продадеме неквалитетен производ. Треба да водиме сметка да направиме квалитетно грозје и тогаш на тој квалитет да бараме цена“, вели Грозданов.

Славчо Јорданов пак, сопственик на прехранбена индустрија, посочува дека македонската индустрија ќе биде поконкурентна само доколку државата понуди финансиска помош на приватните компании.

„Значи ние како индустрија, сепак со наши средства успеваме да купиме опрема и машини колку што можеме да платиме. Има и подобри и посовремени и енергетски поефикасни. Целта на нашата индустрија е да се оспособиме со соодветна опрема. А тоа е возможно само со помош од ИПАРД или ФИТР. Ние имаме преработка на домати, а една од главните земји за преработка на домати е Италија. И за ние да и конкурираме ни требаат опрема и капацитети кои само може да ги сонуваме“, вели Јорданов чијашто фирма извезува производи во соседството, но и кај македонската дијаспора во Швајцарија, Шведска, Америка и Канада.

Видете и ова: Пад на конкурентноста поради „крчкани“ тендери и неказнивост

Од надлежното министерство за економија велат дека со низа проекти ги подобруваат конкурентноста на македонските компании.

„Еве веќе неколку години ние ја спроведуваме програмата за конкурентност, иновативност и претприемништво каде што се предвидени над 12 директни мерки за помош на нашите компании а, посебно на малите компании да се снабдуваат со нова технологија, да ја зголемат нивната продуктивност, но истовремено да спроведуваат стандарди кои се очекуваат и бараат од страна на мултинационалните компании. Тоа го правиме со цел нашите компании да ја зголемат соработката со странските компании, посебно за тие што оперираат во зоните но истовремено и за микро и малите претпријатија кои сакаат да одат на поголеми пазари и да бидат поконкурентни на европски и на глобалните пазари“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Упатените сметаат дека доколку една мала економија нема можност или не успева да има голем извозен сектор, тоа значи дека истата нема или иновативност или квалитет или конкуренција.

Согласно извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум, всушност најконкурентни се токму оние економии кои се извозно ориентирани, најиновативни и технолошки најподготвени.

Нашите соговорници велат дека најголем дел од македонските компании, пред сè малите и средни претпријатија, немаат можности за инвестирање во иновации и технологија и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да можат да остваруваат извоз. Конкурентноста на македонските производи пак, најдобро се гледа од нивниот извоз, а статистичките податоци покажуваат дека е многу мал процентот на компании кои извезуваат од земјава.