Скопје танцов театар со балетска претстава за човекот на работ на распадот

„Трагедијата на тигарската буба“ е насловена последната претстава на Скопје танцов театар во оваа 2019 година чија премиерна изведба се одржа овој понеделник, на 16 декември во Младинскиот културен центар. Кореографијата е на гостинот Јотам Пелед од Берлин.

Во „Трагедија на тигарската буба“ го истражуваме човекот кој е изгубен во огромниот број информации: парализиран, збунет, на работ на распад, сонувајќи за исклучување.
Играјќи помеѓу комичното и трагичното, оваа физичка театарско-танцова претстава сугерира гротескен универзум каде вредноста на животот и смртта се губи низ бројките.

Ова ќе го напише Јотам Пелед, гостинот- кореограф од Берлин, Германија, во пресрет на премиерата на „Трагедијата на тигарската буба“ што како последна на Скопје танцов театар во оваа 2019 година се одржа вечерва во Младинскиот културен центар.

Во претставата настапуваат танчерите на Скопје танцов театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса и Џорџа Лили (патем, стажантка од Италија) и студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип - Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Ивана Балабанова и Дамла Пинар Башар од Турција.

Јотам Пелед, кореограф

И, кога сме веќе тука најнапред збор - два за кореографот.

Јотам Пелед е исклучително талентиран танчер и кореограф, кој својата танцова едукација ја добил во Тел Авив, Израел, каде изучувал современ танц, бразилска капоира, акробатски танц и физички театар. Во периодот од 2012 до 2019 година како член на повеќе различни танцови компании настапувал во Израел, Кина, Германија, Франција, САД, Данска и во Луксембург.

Од друга страна, во последниве четири години, тој е автор на седум кореграфии кои се изведуваат на сцените во неговата татковина, повеќе европски земји и во Тајланд.

Пелед во последнава половина декада живее и работи во Берлин, Германија, а добитник е на награда како млад кореограф.

Моментално е ангажиран на нова продукција за операта во Хановер, а оваа 2019 година е селектиран и за „Танцлаб#19“ во „Grand Theatre Luxembourg“, во процес во кој работи под менторство на светски познатиот кореограф Хофеш Шехер.

Рисима Рисимкин, уметнички директор на Скопје танцов театар, истакнува дека и покрај сите проблеми што ги имале на почетокот на годината тие како танцова компанија успеале да се изборат за препознавање и за свое место во општествено-културната констелација во земјава. Згора на тоа да понудат и низа проекти кои говорат за постигнатото високо уметничко ниво. Ова, како што вели, се однесува не само неколкуте успешни премиери во првата половина од сезоната, туку и за оние три кои беа реализирани од септември наваму. Тука ги вбројува и двете резиденции на танчери, кореографи и педагози од странство како Израелецот Јотам Пелед.

„Тој како професор и кореограф, во текот на ноември и во декември, оствари резиденција со танчерите на Скопје танцовиот театар и создаде една многу интересна кореографија, низ едукативен и креативен процес, кој ги одушеви танчерите и студентите кои учествуваа во неговата работа. Навистина сум среќна што имаме можност да соработуваме со танчери и кореографи со висок уметнички квалитет и потенцијал и, секако, планираме соработката со Јотам да ја продолжиме и понатаму“, истакнува Рисимкин.

Таа и со дополна дека ваквите соработки се неопходни за да можат да ги освежат знаењата и техниките на танчерите на Скопје танцов театар и на студентите и да влијаат на нивниот иден напредок.

Инаку, Скопје танцов театар е основан во 2011 година и е првата официјална компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како оснивач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц.

Скопје танцовиот театар во изминативе девет сезони има повеќе од триесет продукции. Така, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат и оние на младите, веќе афирмирани кореографи како Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Дејан Битровски и други.

Но тука се и кореографиите и на гостите-кореографи како Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија и Антонело Тудиско од Италија.

Скопје танцовиот театар во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, обезбедува пракса за студентите на Катедрата за современ танц, која е единствена во земјава, по својата програма за продукција на современи танчери, која се одвива во соработка со Ротердамската академија за танц од Холандија.

Посебно важно е и тоа што Скопје танцов театар во дадениов период има остварено повеќе гостувања и тоа на фестивали и манифестации како Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар во Хрватска, Санвинченто, Саемот за танц во Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија, ИТС фестивал во Амстердам, Холандија, (2013); “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017) и на „Културната сезона“ во Чуанџо, Кина на фестивалот „Mariytime Silkroad Festival“.

Во февруари минатата 2018 година, Скопје танцов театар, со претставата „Кожа“ гостуваше на еден од најзначајните фестивали за танц во Европа, „Holland Dance Festival“, а неколку месеци подоцна, во август, го затвори 37-то издание на фестивалот Battery Dance Festival во Њујорк, САД. И, тука не е крајот оти танчерите на СТЦ во октомври таа година, со кореографијата „Егзистирање“ настапија и на Фестивалот за танц на Пекингшката академија во Кина.