На трибината „На прав пат“ што се одржа во Скопје, премиерот Зоран Заев, покрај другото, повторно повика на проверка на судиите и обвинителите, што наиде на голем аплауз од присутните во салата „Борис Трајковски“, но на нашата ФБ страница има доста негативни коментари токму во врска со тоа.
Ненад Пешовски, на пример, напишал дека „Ниедна политичка партија не дава идеи, а камоли решенија за нискиот стандард, невработеноста, хаосот во здравството, судството, образованието во Македонија, едниот прави анализи за другиот, другиот кажува прикаски за мали деца и после се чудиме младите бегале по Европа...“ Ѓорѓи Ристески постирал: „Не се занесувај, формира комисија, поради тоа што ги кочевте сите си дадоа оставка, затоа овие флоскули не ти поминуваат!“, а Панде Лазаревски кратко предвидува: „Уште 2 недели ќе вика... после, чао Зоки...“ Душан Јевремовски прашува во стилот на времето за зимници: „А политичарите, нема белки да ги киселиме, купусот стаса...“
Инцидентот со поранешниот амбасадор во Словенија, Томислав Димитровски, а сега дел од кабинетот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој репетирал автоматска пушка во својот сосед, а во станот полицијата му пронашла повеќе парчиња оружје и муниција, исто така е коментирана тема на ФБ страницата на РСЕ. ИгорВики Магероски препорачува, како што ги нарекува, „Грицко и Зајко подрака, око да не ви видиме, вратете го ВМРО на вмровците, а не комуњарите како вас да си играте“. Зулко Зуко Зекири е мошне остар: „Ех, што ти значи да си екс амбасадор и советник на некој .... политичар, само службен разговор, а за обичен граѓанин тоа би било мерка притвор поради ризик за повторување на делото или влијание врз сведоци....ЧУДЕСНА е правдата на овие простори...“
Не стивнуваат и реакциите откако Бугарската академија на науките усвои став со кој се оспорува македонскиот јазик, а коментарите на нашиот ФБ се со непримерен јазик, па не ги цитираме. Но, Зоран Ефт објавил факсимил од попис во Бугарија во 1976 година каде што пишува дека таму живеат 3.201.720 Македонци.