Ден откако Јордан Камчев, осомничениот бизнисмен во случајот „Империја“, се појави како сведок во суд во случајот „Рекет“ се појавија и првите аудио снимки на Јутуб во кои се слуша глас сличен како на бизнисменот. По два дена затишје на истиот канал на Јутјуб објавени се и нови снимки, па сега се вкупно 15-тина.
И додека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција истражува кој стои зад нив, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека од она што се слушна јасно е дека снимките се наменети за дискредитација на Камчев.
„Повеќе од јасно е и дека тука се инволвирани повеќе фактори- бизнис групи едни против други, се раскараа тие што беа заедно, вклученост има и на актуелната власт и на поранешната, комбинации некои прават, а сите средства се користат за одбрана или за дискредитација“, вели Трајанов.
Што има во снимките?
Самоуверениот и сериозен Камчев во судница, на аудио снимките на кои се слуша глас сличен како неговиот звучи повесело кога ги раскажува случувањата поврзани со „Рекет“. Во неформален разговор со непознати лица гласот сличен на оној на бизнисменот ги споменува премиерот Зоран Заев, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, извесен Јово, осомничениот во Рекет Бојан Јовановски, веќе осудениот во истиот случај Зоран Милески.
Од она што може да се чуе од снимките, а поврзано со Заев и Русковска, гласот сличен на бизнисменот вели дека одмa му пишал на Зоки да се јави, а тој му одговорил дека не можел оти бил во гужва на што бизнисменот наводно му возвратил дека не треба ништо да се даде кај Вилма. Гласот за кој се претпоставува дека е на Камчев, му раскажува на соговорник дека Заев, му вратил:
„Друже мој, Македонија треба да стане европска држава, правна држава да одиш ти утре да си пријавиш оти и ти ќе одговораш“, се слуша во бомбата.
Медиумско шоу „Рекет“
Понатаму се дознава и дека во торбата Луј Витон која се гледа на снимките објавени на италијанскиот весник Ла Верита со која Јовановски и Милески излегуваат од домот на Камчев имало и ГПС уред за следење.
Видете и ова: Камчев сценарист и глумец во „Рекет“, Јанева и Јовановски режисери на „Империја“
Гласот кој наликува на оној на бизнисменот не сака да открие каде завршиле парите кои на видео снимката снимана во домот на Камчеви се гледа како се полни со пари, но открива дека торбата не завршила кај Заев.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека случајот „Рекет“ од самиот почеток наликува на медиумско шоу. На последните снимки Муслиу гледа како на одговор на претходните тврдења за инволвираност на високи политичари во аферата и обид да се избијат таквите аргументи пред изборите.
„Целиот процес од почетокот се води на неколку фронта и некои се потрудија да го вметнат во политичката расправа, па се зборува за Рекет 2 или се инсинуира за одредени политичари дека биле вклучени а целиот случај стана дел од политичката расправа која се води особено сега пред изборите“, вели Муслиу.
Во „Рекет“ се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски, а трето обвинетиот Зоран Милески откако призна вина беше осуден на три години затвор. Според обвинението за олеснување на положбата на Камчев биле исплатени милион и пол евра.
Судењето почна минатата недела со сведочење на Камчев, а продолжи неделава со сведочењето на неговата сопруга Ана Камчева и благајничката во нивните фирми Мирјана Бошковска. Сопружниците сведоци во овој случај тврдеа дека Јанева, Јовановски, Милески но и адвокатот Васил Димишков и неговата сестра судијка Весна Димишкова биле дел од групата која се обидувала да им изнуди пари во замена за слободата на Орце Камчев. Тој пак е осомничен во случајот на СЈО наречен Империја за перење пари.