Дали е уставна или не амнестијата што ја потпиша, па под притисок на јавноста ја повлече поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов? Оваа е доминантната тема во печатените медиуми и порталите во изминатава недела, откако Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
Најпрвин, „Законодавно-правната комисија на Собранието се изјасни: Членот 11 од Законот за помилување не постои“, објави Нова Македонија.
Слободен печат наслови: „Пратениците го протолкуваа Законот за помилување – Член 11 автентично исчезнал уште пред 10 години!“
А порталот СДК.МК во наслов го вади заклучокот на Комисијата: „Нема потреба да се толкува нешто што не постои. Амнестијата на Груевски, Јанкулоска, Мијалков, Јанакиески, Протогер и останатите тргната од дневниот ред, Уставниот суд ќе чека Собранието да се изјасни“.
Видете и ова: Аболицијата носи политичка штета за сите
Неделникот Фокус објавува колумна со следнава поента: „Апашот е убеден дека сите се арамии и умира од страв да не му го одземат украденото. Обвинителот и судијата се крстат во рушвет и кариера. Политичките партии го заштитуваат сопствениот криминал“. Во друга колумна во истиот неделник, авторот има „Разумен сомнеж: Амнестија за сите“ и е убеден дека „последната епизода со Уставниот суд е добро смислено сценарио и дил помеѓу власта и опозицијата како да се спасат и останатите кримоси што досега не успеаја да ги спасат“.
Вечер ја објавува изјавата на премиерот Зоран Заев дека „Уставниот суд треба да постапува согласно одлуката на Законодавно-правната комисија... “ под наслов: „Заев му нареди на Уставниот суд како треба да решава за туѓите аболиции“.
Друга тема што доминира во медиумите е учеството на премиерот Заев на состанокот на шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО во Лондон по повод прославата на 70-годишнината на Алијансата.
Вечер во наслов го цитира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на собирот на граѓаните на Ѓорче Петров: „Заев може да се преправа пред англиската кралица, но не може и пред своите граѓани“.
За неделникот Капитал лидерскиот Самит во Лондон „каде што Северна Македонија за прв пат седи на заедничката маса како 30-та членка на Алијансата е историски момент“.
Видете и ова: НАТО лидерите најединствени за приемот на С. Македонија
Во порталите Курир и Република, пак, доминираат темите за продолжувањето на судењето за „Рекет“, на кое „дошол само Орце Камчев, зашто неговата сопруга била болна“, како што објави Курир. Република го цитира Камчев од воведното излагање пред Судот: „На обвинителнава клупа треба да има многу повеќе лица, не само Катица и Боки“.
Како и за посетата на премиерот Заев во Волково. Курир наслови: „Лагите на измамникот Заев ги прочита и баба Перса“ и „Заев револтирана жителка нарече дека сценира претстава, таа нему му докажа дека не ѝ е асфалтирана улицата и нема канализација“.
Слободен печат објави и видео со наслов: „Заев ’бомбардиран‘ во Волково“.