Единаесет фотографии, осум видео инсталации како од нови, така и од признаени автори и четири филмски уметнички дела (кои ќе бидат прикажани а 7,8 и 10 декември, со почеток во 18 часот) ја чинат изложбата „Пејзажи на совеста“, која од вечерва до вторник 10 декември, се одржува во Музеј на современа уметност во Скопје.
Во рамките на поставката, која се бави со врските меѓу материјалното, технолошкото, индустриското и културното загадување, ќе бидат претставени дела на 12 уметници и тоа Мила Паниќ, Карлос Касас, Урсула Биман, Арјуна Нојман и Дениз Фереира да Силва, Јунес Бен Слимане, Патрик Содерлунд, Ругил Барзџукаите, Хироацо Сузуки и Росана Торес, Тамер Хасан и Арманд Јервант Туфенкиан, а јавната програма ќе понуди и разговори со двајца од нив – Паниќ, босанско -херцеговската уметничка со живеалиште во Германија и Шпанецот Касас.
Карлос Касас - „Гробишта“
„„Пејзажи на совеста“ во фокусот ја става потребата за поголема политичка, сеизмичка промена, гледајќи го светот како вмрежан екосистем составен од различнo-конфигурирани, историско-динамични контакт зони наместо како збир од различни, одвоени екосистеми. Кураторскиот концепт ги отфрла потенцијалните дискусии за единките во/и животните средини, како форми на благосостојба обликувани според класни и расни уверувања. Заробени во сопствените моќи и ограничените животни сфери, посветено создаваме свет полн спектакли заснован врз историското насилство, каде Земјата и водата се ништо повеќе од декор“, ќе напише Кумјана Новакова, која е кураторка на изложбата во соработка со Диего Переира.
Хироатсу - Росана - „Земја“
Таа и со уште едно потсетување дека филмската и видео програма, како програма на Музејот на современата уметност, всушност има општествена одговорност во отворање на прашања во и за општеството. Затоа, како што вели, тие ја конципирале изложбата „Пејзажи на совеста“ со цел истражување на потенцијалите за нови парадигми во однос на глобалниот екосистем – кој го третираат како еден единствен, нехиерархихски, вмережен, и во кој луѓето се само едни од чинителите, а не господарите.
„Некои од истражувањата ни посочија на факти кои се поразни, како на пример дека повеќе од половината од целата пластика во светот е произведена од 2005 година до денес. А дека помеѓу 1950 и 2017 се произведени 9,2 милијарди пластика што е повеќе од еден тон за секој човек што сега живее на планетата земја. Само од 2017 година загадувањето на воздухот е петтиот водечки фактор на ризик за смртност во светот. Така што, аргументот дали постои потреба да се креира една платформа како што се „Пејзажи на совеста“ е потполно јасен и се надеваме дека ќе одекне во јавноста посебно заради тоа што се случува во Скопје во декември кога сме еден од првите пет најзагадени градови во светот“, вели Новакова.
Визуелниот идентитет и графичкиот дизајн за оваа поставка се на Елена Диновска Зарапчиев, а „Пејзажи на совеста“ е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје и реализирана е во соработка со „Право Људски Филм Фестивалот“ од Сараево, а поддржана е од Министерството за култура на Република Северна Македонија и „Еуролинк осигурување“.