Зградата во нашиот проект/инсталација е само една сцена , основа на која се одигрува историјата, зградата е само пример каде во еден тајмлајн од 70 години може да видиме распагање на една идеја за утопија, за социјално живеење за колектив и заедница.
Нашиот проект има за цел да ја освести идејата за заедницата за колективот како што биле замислени уште во раната модерна и одново да ја изгради и надгради таа идеја.
И искрено се надевам дека оваа награда само ќе ги убрза веќе започнатите соработки со надлежните и во најскоро време ќе се започне со нејзина реконструкција.
Ова ќе го каже авторот и мултимедијален уметник Филип Јовановски на почетокот од јуни годинава не многу по врачувањето на престижната награда - „Златна Трига“ на 14-то Прашко Квардиенале за дизајн во сферата на перформанс, сценографија и театарска архитектура за неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ во Република Чешка.
По три месеца од овој чин на кој беше овенчан македонскиот павилјон на оваа манифестација, проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ чиј куратор е Ивана Васева, а комесар Фросина Зафировска од Музеј на Град Скопје, и за кој во појаснувањето од жирито беше кажано дека е „повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација и притоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст“, се најде на отворањето на 44-то издание на фестивалот Млад Отворен Театар, кое е планирано да се случи в петок, на 13 септември.
Актерката Кристина Леловац во проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“
- Мене ми е многу важно и многу драго што после таа интернационална препознаеност на „Оваа зграда зборува (на)вистина“ првото јавно претставување кај нас ќе биде на еден од најрелевантните фестивали за театар во државата каков што е МОТ. Во Прага отидовме доста скромно и со идеја да играме пет дена. Но откако ја добивме наградата жирито не натера да настапуваме три пати дневно. Тогаш сфативме дека ова мора да се игра иако првично не го замислувавме така. Некако сега тргна работата и ни стана многу важна оваа игра така што на МОТ „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ќе ја играме дури три пати – премиерно и после уште два пати во други термини, а потоа одиме на фестивалот БИТЕФ во Нови Сад, а имаме и покани од други места, вели Филип Јовановски.
Тој и со појаснување дека самиот текст се занимава со скопски контекст, со скопската зграда – Железничка. Затоа и имале многу дилеми како за нешто што постои реално во Скопје да направиш перформанс, а како потоа да го претставиш во градот. Сепак уверени дека ќе функционира, одлучиле да го сторат тоа.
- Мислам дека е важна да се види таа трансформација од реален живот на зградата во уметнички контекст, театарски фестивал, галерија и конкретен перформанс така што му се радуваме на играњето. Тоа многу ни значи и сакаме што почесто да играме. А значи во смисла на промоција на ваква практика која не е ни стандарден театар, ни стандардна изложба туку нешто помеѓу – гранична експериментална форма развивана низ долгогодишен процес на истражување и сега претставена во форма на театарски перформанс, истакнува авторот.
Сцена од претставата „Се уште без наслов“ на СМГ
Кон ова уште неколку интересни информации во пресрет на официјалното претставување на комплетната грижливо бирана програма за Фестивалот.
Така покрај претставата за отворање, МОТ на сите ѕвона го најавува гостувањето на старите пријатели и театарски соборци од Словенско младинско гледалишче од Љубљана, кои годинава доаѓаат со „Сѐ уште без наслов“ на генијалниот словенечки режисер Томи Јанежиќ, театарско искуство во времетраење од цели девет часа.
Од друга страна, во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд ШУМСКИ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното кабаре – The Tiger Lillies со едно специјално шоу, со кое слават три декади нагласена присутност на сцената.
Покрај двата концерти, следува и работилница за специфична локација - „Оди и види“ во Железничката зграда, потоа предавање и дискусија со Мајк ван Гран во Кино Култура и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.
Конечно програмата на годинашниот МОТ ќе се одвива на седум сцени во Скопје, Национална опера и балет, Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, сала Фросина – МКЦ, Дансин сала – МКЦ и Драмски театар, и една во Велес - театар „Јордан Хаџи Констатинов – Џинот“.