Љупка Антеска: Стиховите прогонуваат

„Отвори ги очите“ е насловена третата поетска збирка на Љупка Антеска што се појави неодамна како самоиздание и чија промоција е закажана за овој петок, на 6 декември во 18.30 часот, во Центарот за млади и заедницата во Гостивар.

По „Денодение“ публикувана во 2012 и „Лек за времето“ три години подоцна, обете изданија на Центарот за култура во Гостивар, новинарката и поетеса Љупка Антеска неодамна како самоиздание ја објави својата трета поетска збирка насловена „Отвори ги очите“.

Збирката е поделена на три циклуси: „Поезијо, остави ме“, „Љубов потпрена на патерици“ и „(Мо)ментални (за)белешки“, а промоцијата на книгата е планирано да се одржи овој петок, на 6 декември во 18.30 часот, во Центарот за млади и заедницата во Гостивар. Промотори ќе бидат Снежана Стојчевска и Цветанка Колева, додека стихови од збирката ќе чита Катерина Гогова.

„Насловот на книгата е наслов на песната којашто е посветена на мојата ќерка директно, меѓутоа и индиректно на секој човек. Пораката е да се следи патот на светлината, да се верува во доброто и да се биде позитивен во животот. Да не се дозволи да и ја отвориме вратата на тагата и да ја пуштиме во нашите животи, затоа што таа може да биде еден невидлив магнет кој ќе не повлече многу лесно во себе и потоа со истата таа леснотија само ќе паѓаме надолу. Во еден дел од песната велам:

Скрши ѝ ги рацете

уште на врата

и никогаш

никогаш немој да се плашиш

од светлината.

Колку е таа појака,

толку повеќе ти заљубувај се во неа.“

Антеска дополнува дека живееме во време во кое човек со човек не може ни убаво да комуницира, во време во кое вредностите се изместени и трката по материјалното е многу нагласена и присутна во нашите животи. Она на што ние, како што забележува, всушност треба да дадеме предност е пред сè човечноста и духовното.

„Да речеме дека забораваме на тие мали и едноставни радости коишто треба да не исполнуваат, а нашата денешница во којашто живееме би рекла дека е една „изроботизирана денешница“ и ние сме луѓе коишто функционираме на батерии и на копчиња. Ни требаат уреди за да можеме да функционираме секојдневно“, вели поетесата.

Од таму не случајно во својот осврт за книгата академик Катица Ќулавкова, критичар, есеист, поет, раскажувач, меѓу другото ќе потенцира: Антеска не е оптоварена со присуството и појавноста на наследените поетски фигури и дела (од македонски творечки происход), таа не имитира туѓи профили, туку се обидува, макар скромно, да го искаже своето битие, да оформи свој јазичен израз кој кореспондира со современите сленгови и социјално-мрежни жаргони. Поезијата пулсира во ова време и го носи неговиот белег, а така и ја потврдува својата отвореност спрема времето од коешто потекнува и на коешто му припаѓа. Во таа смисла, во нејзините песни од време на време го препознаваме актуелниот социјален и медиумски амбиент, како што препознаваме и одредена култура на живеење и одредена симптоматика на македонската стварност.

Прашана, пак, за тоа дали очекува нејзините пораки да наидат на плодно тло, да бидат слушнати, прочитани...Антеска со појаснување дека искрено се надева и дека верува оти ќе биде така.

„Јас искрено се надевам и верувам дека во моментот кога се чита една песна таа има моќ да го освои читателот. Меѓутоа се плашам дека тоа ќе потрае само во наредните пет или десет минути. Како и сè во нашиот живот. За вредноста на работите во животот учиме кога ќе ги изгубиме. Кога веќе ги немаме. Тогаш сме свесни што сме изгубиле. Мислам дека не ги цениме доволно додека сме ги имале во нашите животи. Така и за песните. Секоја поезија има своја моќ и може многу да го освои читателот и да делува на него, меѓутоа за жал тоа, според мене, не трае доволно долго, смета поетесата.

Како илустрација на ова нека послужат и стиховите на песната „Коцка“ каде таа пишува:

Ќе дојде време

кога ќе не снема од песните

и тие ќе се разбудат како низа од зборови.

Ќе ни се исушат рацете,

ќе ни остане совршен

само по еден прст

за „тач скринот”.

Ќе имаме лозинки, наместо имиња.

Програмирани реакции, наместо чувства.

Главите ќе ни станат коцкасти,

а очите - дупки без сјај.

Ќе дојде време

кога ќе не снема од песните

и нам ќе ни биде – сеедно.

Само не знам што со срцето тогаш...

Ќе крене раце или револуција?!

Од него ќе зависи каде ќе ни отиде душата.

Говорејќи, пак, за настанувањето и за објавувањето на „Отвори ги очите“, Љупка Антеска знае да каже дека е „најлесно е да ги напишеш песните, малку потешко е да го направиш изборот кои од нив конечно ќе влезат во книгата, а најтешко е да изнајдеш финансиски средства за нејзиното печатење“. Истакнува дека сега е среќна што во нејзиниот случај одредени фирми „имале слух дека се работи за трета поетска книга која има вредности и се одлучиле да го поддржат излегувањето“. Дека поинаку тоа е невозможно.

„Борбата за поезијата продолжува понатаму. Обично по секоја издадена стихозбирка велам ми треба одмор и не дека нема да пишувам, но сигурно нема толку брзо да вадам друга книга, меѓутоа кој еднаш се зафатил да пишува знае дека стиховите прогонуваат. Тие излегуваат насекаде и авторот не може да ги избегне. Отвараме чанта – тие се тука. Отвараме врата – ете ги повторно, ни рипаат на улица... не можеш да ги избегнеш затоа што поезијата ти станува еден неизбежен дел од животот. А, што се однесува на тоа дали повторно би го одела патот од пишување, од зборче до зборче, до издавање на стиховите меѓу корица – би го одела. Тежок е, но ништо не може да ме запре“, децидна е Антеска.

Инаку, Љупка Антеска е родена 1980 година во Струмица. Дипломирала студии по новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а живее и работи како новинар во Гостивар.