Богданоска: Отсекогаш ме копкало до каде можам да стигнам како солист

Македонската виолинистка Фросина Богданоска е солист во Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Сергеј Прокофјев, што ќе биде изведен во рамките на „Мистична деветка“ на националната Филхармонија, овој четврток, на 5 декември во 20 часот. Диригент ќе биде маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Како некој кој подолго време живее и работи во странство за мене претставува голема чест и задоволство да се вратам дома, да свирам на домашната сцена и да бидам солист со нашиот национален оркестар, со Македонска филхармонија.

Вака виолинистката Фросина Богданоска, која веќе осум години живее и твори во Австрија, ќе ја почне својата приказна за концертот „Мистична деветка“ на нашиот национален оркестар, што ќе се одржи овој четврток, на 5 декември во 20 часот. На програмата се дела од двајца руски гиганти – Сергеј Прокофјев и Дмитри Шостакович, а домашната публиката ќе има можност да ја чуе Богданоска во изведба на Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Прокофјев.

Во Концертот за виолина и оркестар број 1, славниот композитор музички пресликал две дијаметрално спротивни емоции – лирска и саркастична. Станува збор за генијално солистичко ремек дело, но и возбудлива оркестарска приказна во која Прокофјев го потенцира својот индивидуален творечки сензибилитет.

„Концертот за виолина и оркестар број 1 во де-дур влегува во редот на технички можеби најтешките и разбирливо е дека бара многу сериозен пристап. Меѓутоа исто така е напишан малку поинаку од сето останато што се наоѓа на виолинискиот репертоар кадешто солистот може да си поигрува со идеи, со бои, емоции...може буквално да се раскаже една возбудлива приказна. Самиот концерт е како еден сон и се надевам дека ќе успеам да го доловам тоа што го сакал и композиторот, но и да оставам еден свој белег на делото“, вели Фросина.

Велешанката Богданоска, дипломски и постдипломски студии завршила на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оцена CUM LAUDE, во класата на проф. Љубиша Кировски. Во 2010 добива стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а две години подоцна запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Антон Сороков.

Таа до неодамна беше член на Симфонискиот оркестар на Австриското радио РСО ОРФ Виена и соработник со Виенскиот симфониски оркестар – Wiener Symphoniker, а сега е член на Каринтискиот оркестар на Театарот во Клагенфурт, каде што оваа сезона служи како трет концерт мајстор на први виолини. Инаку, Фросина свири на инструмент изработен од нејзиниот татко Светозар Богданоски.

Прашана за тоа, што по овој настап со Филхармонија, виолинистката со појаснување дека потем ќе мора веднаш да се врати во Клагенфурт, во Австрија, кадешто моментално е сред продукција на операта „Евгениј Онегин“. Згора на тоа таа и со дополна дека таму има планирано неколку солистички настапи, а не ја исклучува и можноста некаде летото 2020 повторно да ја видиме и чуеме на домашната сцена.

Говорејќи, пак, за одлуката да замине од Македонија и најнапред едукацијата, а потоа и кариерата да ги продолжи во странство, Богданоска со појаснување дека „нејзе отсекогаш ја копкало од внатре да дознае до каде може таа да стаса како солист“.

„Мене отсекогаш ме копкало одвнатре да знам до каде може да стасам јас лично како солист. Заминувањето во Австрија повеќе беше игра на случај. После еден концерт на кој настапив како солист со македонската опера и балет таа снимка некако стигнала до еден професор на Универзитетот за музика во Виена. Веднаш добив покана од него за да студирам во Австрија и едноставно заминав. Успеав да добијам работа во Оркестарот на австриското радио и од минатата година сум члена на Оркестарот во Клагенфурт“, истакнува Боданоска.

Фросина и со дополна дека Австрија можеби е и „најтешката или поточно најкомплексната средина за да човек, посебно музичар од Балканот, да постигне нешто во кариерата.

„Јас оваа ситуација сега, односно мојава актуелна позиција ја гледам само како едно добро школо, како скалило за да стигнам до некој зошто да не поголем, по звучен оркестар. За нас музичарите не е добро да застанеме на едно место и таму да се вртиме во место. Сметам дека би било убаво да соберам сили и да одам погоре. Да направам нешто повеќе на интернационален план. А, тоа бара огромна посветеност и исто толкава дисциплина. Мораш да ги познаваш и поминеш повеќето стилови...но пред се и најмногу да бидеш дисциплиниран. А, дисциплината е работа на самоконтрола. Мислам дека доколку амбицијата е тука, а тука е и желбата...тогаш дисциплината доаѓа сама по себе. Барем јас така го доживувам тоа. Ако сакам да постигнам многу повеќе тогаш морам да имам работна дисциплина“, вели виолинистката Богданоска.