Поезијата на Долорес Атанасова – Лори е сурова како стварноста, бескомпромисна, секојдневје фрлено пред очи, но во исто време топла и сострадателна. „Небо во кафез“, нејзината трета книга поезија природно се надоврзува на претходните „Будење во трето лице“ и „Со ветрот под рака“. „Небо во кафез“ како возрасно дете буричка по светот околу себе, го отсокрива, го препокрива, покажува на работи очигледни, а заборавени, или заматени од премногу зашербетена лага, и гласно кажува „Царот во нас е гол!“.
Ова во својата рецензија за збирката меѓу другото ќе го напише Ѓоко Здравески, истиот оној што за „Небо во кафез“ ќе заклучи дека е „книга поезија што ќе ја облагороди современата македонска книжевност, а во оваа масовна продукција на хартија многу од книгите што се објавуваат не се такви“.
Но која е Д.А. Лори?
Таа според своето кажување е родена во Германија во 1974, растена во Охрид, а живее во Скопје. Во Германија ги поминува најубавите години од детството, на кое малку се сеќава. Во Охрид има научено да зборува со езерото, посветено да ја чека пролетта и да му се радува на летото. Во Скопје и се има случено многу, и уште повеќе. Поезијата и дошла како на некои што им доаѓа светец на сон да изградат црква.
Оттогаш пишува јавувајќи се директно од местото на сонувањето, или длабоко од котелот на реалноста, и најчесто на инсистирање на срцето.
Така дојдоа книгите „Будењето во трето лице еднина“ (Блесок, 2014). „Со ветрот под рака“ ( Антолог, две години подоцна) и самоизданието „Небо во кафез“ оваа 2019 година.
Згора на ова нејзините песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“, е-книгата „Поетискон”, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет, во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“.
Лори е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија и неодамна на наградата „Тодор Чаловски“ што ја доделува „Галикул“.
Отворањето на третата поетска збирка „Небо во кафез“ го правиш со песната „Поетот е...“. Случајно или намерно? Дали тоа во некоја рака претставува своевиден сопствен одговор за местото во целата животна или ако сакаш творечка приказна?
Таа поема е излезена од мене во моменти кога имавме дискусии на различни средби за тоа кој тоа пишува поезија а кој проза, зошто едни се одлучуваат за проза а други за поезија, како тоа една форма на некој му лежи а на друг не ...и така натаму. Имав потреба да го извадам од себе она како јас го гледам поетот меѓутоа може многу лесно и погрешно да се сфати поемата. Да излезе дека поетот е некаква жртва. Не. Поентата на поемата е всушност да се покаже дека поетот по друго ги чувствува нештата и потоа ги артикулира или претставува низ зборови што е исто многу тешко. Ако успее тоа да го направи тогаш е умешен.
И, веднаш потоа влегуваш премногу директно велејќи „Ова не е време за љубовна поезија“. Дали е тоа твојот манифест?
„Ова не е време за љубовна поезија“ е нешто што мене ме опседнува откако пишувам. Да, може да се каже и манифест на некој начин ... затоа што не може да живееме во веков во кој живееме и да не бидеме допрени од некои поголеми проблеми кои не опседнуваат. Ни го опседнуваат секојдневието. Ние живееме во свет кој е пеколен. И тој свет, на некој начин, може во еден момент да не проголта. Затоа мораме да реагираме. Мораме да бидеме ангажирани. Иако јас искрено многу долго време се плашев и бегав од изразот „ангажирана поезија“. Јас не тврдам дека пишувам ангажирана поезија. Далеку од тоа. Меѓутоа имам потреба да го искажам незадоволството, разочараноста и на тој начин, и не само низ таа поема, да се соочам јас со светот, да ги соочам другите ако е тоа возможно додека читаат. Прво мораме да го идентификуваме проблемот за да почнеме да го решаваме. Меѓутоа токму таа поема „Ова не е време за љубовна поезија“ повторно на крај се врти на тоа дека сепак еден ден ние ќе пишуваме љубовна поезија оти сè се врти околу тоа: Каде ние тоа без љубов? Никаде.
Значи ли тоа дека Д.А. Лори стиховите ги испишува одејќи, стоејќи...со ширум отворени очи? Дека времево во кое живееме налага да бидеме такви, независно дали се бавиме со пишување поезија или со нешто сосема друго. Колку директната инспирација, да речеме, ја црпиш од настаните кои на сите нам ни се случуваат? Колку може да те натера да бидеш таква каква што си ова време – невреме?
Јас се обидувам првенствено да го согледам овој свет – пробисвет. Тоа ми е најважно. Да можам да видам во каков свет живеам. Оставам работите да одлежат извесно време. Не го пишувам тоа што ме мачи веднаш. Во моментот. Оставам да видам дали тоа ќе потрае во мене. Дали ќе ме опседне. Дали ќе ме измачува за да го напишам. Ретко пишувам во моментот она што сум го видела или ме поттикнало. Можам тоа да го напишам во некаков твит, во некакво брзо будење сабајле и така натаму. Меѓутоа – не. Ги размислувам работите. Оставам да видам колку тие врз мене оставиле некаков белег. И потоа ги испишувам.
Предмалку спомна дека сепак си оптимистка. Или дека пишуваш за да надвладее оптимизмот.
И сум оптимист. И пишувам за да станам оптимист. Човек мора да биде оптимист. Јас сум родител. Имам премногу пријатели. Мене многу нешта ме поврзуваат со светот во кој живеам. Можеби и затоа сакам да го напишам и да го претставам таков каков што е. Можеби сурово изгледа тоа, меѓутоа ако не се соочиме со тоа каков е светот ние можеме само да го отсонуваме животот во кој сме. И од тука очекувам дека нешто позитивно ќе излезе и дека сме способни да го менуваме светот во кој живееме. Тука е мојот оптимизам.
За твојата поезија ќе биде забележано дека е „бескомпромисно искрена, исткаена од животно искуство и неверојатна имагинација“. Бунтовна, над се*. Како стигна до таквата бунтовност?
Кај мене е вродена таа бунтовност. Од дете така поминувам низ животот. Меѓутоа кога станува збор за поезијата, мојата поезија не почна со бунтовност. Почна со она истражување на себе си. Со сон. Со сеќавања на минатото. Повеќе беше на почетокот соочување со себе тоа што го пишував. Најважно ми беше да биде исчистено од некаква лажна патетика каква што најчесто сакаат поезијата да ја окарактеризираат останатите. Затоа и слободниот стих ми одговараше сосема. И се уште ми одговара. Веќе во втората книга „Со ветрот под рака“ почна да се насетува тој мој, да речеме, став кон светот кој би сакала да го изразам низ стихови. Тука е поемата „Војна“ која е прилично сурова. Која ни покажува каков би бил светот кога сите ние би одлучиле да бидеме во војна. Со било што. Дали меѓу народи, дали интергалактички со некои други светови, дали со себе си, дали со најблискиот ...ете тоа носи само пустош. И тука, всушност со „Војна“ во втората книга се слушнав јас себе си во тој вид на изразување низ поезијата. И така почна. Ми одговараше. Просто се најдов себе си во сето тоа.
А од каде сега овој наслов за третата збирка „Небо во кафез“? Па, небото и не можеш да го затвориш во кафез, нели?
Имено. Небото е симбол на еден бескрај. На нешто што не може да се затвори. Тука е. Се присутно. Огромно е. Нема крај. Меѓутоа замислете го човекот на 21 век. За да може да преживее ги замислува најлудите работи. Просто, живееме во некаква илузија кои сме ние. Каде живееме. Како живееме. За да можеме полесно сето тоа да го преживееме. Тоа е само една слика како човекот за да може полесно да преживее си го замислува небото во кафез, а тој божем слободен. Тоа е таква фикција, таква илузија. Чисто за да го зголемам ефектот на илузиите со кои ние се потхрануваме за да опстанеме, да го премрежиме секојдневието. Спремни сме на секаква измама да ја прифатиме. Впрочем таков е и светот, животот во којшто живееме. Влегуваме од една во друга бела лага, од една во друга илузија, од една во друга измама, манипулираме понекогаш дури и сами со себе. Многу е интересен веков во кој живееме. Бара многу промена.
Насловната и многу од другите песни како да молат да бидат визуелизирани. Дали од таму и твојата потреба помеѓу нив да вметнеш илустрации, слики на една наша позната сликарка каква што е Касиопеја Наумовска?
Касиопеја Наумовска убаво се поклопи со сето тоа. Ние и минатата година соработувавме. Имаше „Кроки во градината“, настан во галеријата „Акантус“, и таму читавме и претставувавме свои дела. Некои од нас беа поети и писатели, некои беа вљубеници во литературата па читаа делови од книги, уметниците цртаа...Тука беше првата соработка. Да, јас имав потреба и од друг медиум во книгата. Дефинитивно. Идејата дека некој може да нацрта, да наслика нешто инспириран од одредена песна во книгата мене многу ми се допадна. Ми требаше и малку промена. По друга книга од претходната. Меѓутоа соработката беше обострана. Касиопеја и јас одлично соработуваме. Се прочитавме една со друга. Таа даде една друга димензија во смисла на емоцијата. Даде форма на некои емоции. Го отслика она што како слика е претставено во песната. Јас просто бев изненадена колку тоа прекрасно може да изгледа.
Првичното претставување на „Небо во кафез“ во Младински културен центар - Скопје ја претстави и „музиката“ на твоите песни. Виновникот за тоа е твојот сопруг Горан Атанасов, информатичар и тапанар во САНАТОРИУМ и уште неколку македонски бендови.
Промоцијата на книгата беше многу невообичаена. Ме радува што многу луѓе беа позитивно изненадени, воодушевени дури. Мојот сопруг направи музика на аудио каде читавме Ѓоко Здравески, мојата добра другарка Верица Недевска, Билјана Стојановска, јас...и сето тоа се склопи во едно аудио и врз основа на таа музика која мнооогу силно го одрази чувството низ читањето, низ содржината на она што се читаше ...И кога на тоа кога се додаде театарот на сенки на „Сенки и облаци“ настана една дваесет минути магија од која сите беа воодушевени. И тоа многу ме радува. Значи, допревме повеќе уметности, повеќе медиуми за да пренесеме пораки. Не дека немаше да се пренесе пораката ако застаневме пред микрофон и прочитавме секој по неколку песни, тоа секако го правиме и ја пренесуваме емоцијата на тој начин, онака како ги читаме, меѓутоа ова беше нешто друго. Едноставно имав потреба на тој начин да се изразам.
Писмото, песните и ваквите зафати, а згора на тоа и разиграните мултимедијални промотивните активности за делата што ги објавувате ... овде мислам на тебе и на автори како Ѓоко Здравески, Иван Шопов, Ана Голејшка, Билјана Стојановска, Снежана Стојчевска, Андреј Ал Асади ...говорат дека на сцена стапува една нова и поинаква генерација на македонски поети. Веруваш ли во „генерациски“ настап воопшто?
Можеби е поразлична во смисла на јазикот и формата која ја користиме во поезијата. Можеби е поразлична затоа што во поезијата на така наречениот „нов бран“ има емотивен набој дури и кога се зборува за нешто што е ангажирана песна. Нешто што е сосема лично со авторот. Можеби тоа не поврзува, меѓутоа мислам дека сите сме сосема различни во писмото. Можеби таа различност, начинот на кој пишуваме е она што не поврзува. Тука е и возраста. Тоа било нормално за сите бранови во литературата и воопшто во уметноста. Тоа што живееме сега и во ова време. Рака на срце јас сум нешто постара од таа група на луѓе, меѓутоа нас не поврзува таа емотивна интелигенција која ја делиме. Така и се наоѓаме.
Долорес Атанасова – Лори, по „Антево Слово“ и други признанија, сега е добитник и на наградата „Тодор Чаловски“ што ја доделува книгоиздателството „Галикул“. Што значат за тебе наградите? Колку тие може да стимулираат во натамошното творештво?
Сигурно ќе има и позитивни и негативни страни на добивање на една награда. Некои искрено ќе се радуваат на тоа, некои ќе негодуваат па ќе коментираат, но битно е како јас се чувствувам. Јас сум бескрајно благодарна за тоа. Ветувам нема да се умислам затоа што сум добила награда „Тодор Чаловски“, меѓутоа она што најмногу ме радува за таа награда е тоа што е земено во предвид претходното творештво и тоа што секако е награда за она што допрва треба да се издава четвртата книга која е во подготовка. Со тоа се олеснуваат многу аспекти од проблемот издавање на книга во нашава земја затоа што требаат финансии, треба да се направи тоа да личи на некаква книга која секој ќе сака да ја отвори и да ја прочита...Со наградата јас како поет сум многу растеретена од тој аспект. Можам целосно да се посветам на творењето. И за тоа што таа награда го носи името на еден голем македонски поет како Тодор Чаловски.