За да заживее старото градско јадро, годинава по 13-ти пат, се организира манифестацијата „Звуците на чаршијата“. Почнувајќи од утре, со програма и за втoрник и среда, посетителите во Старата скопска чаршија ќе имаат можност да уживаат во концерти, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.
„Старото јадро е културен и духовен споменик на градот, а намерата на организаторите е да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес. „Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 13 пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини“, се вели во соопштението.
Манифестацијата почнува утре во 14 часот на плоштадот Скендербег со настанот „Старата скопска чаршија во делата од литературните творци“. Изминативе години, велат од КИЦ - Скопје, на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна.
„Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата“ - велат организаторите.