„Сонот на облачето“ по седми пат повикува да уживаме во магијата на сенките

Со претстави на артисти и трупи од Шпанија, Германија, Бразил и од Македонија, од 25 до 27 ноември, во Младински културен центар – Скопје, ќе се одржи седмиот Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, кој и натаму недоволно е препознаен од Министерството за култура.

На иднината на Скопје, нашите најмлади и најмили и нивните родители, од 25 до 27 ноември, во Младински културен центар – Скопје, во организација на театарот „Сенки и облаци“, по седми пат ќе им се случи магијата на сенките. Ќе им се случи Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, кој веќе стана институција сама по себе која несомнено го апсорбира вниманието не само на најмладите, туку и на сите оние кои си го пожелуваат сопственото бегство надвор од реалноста во која се помалку остана простор за оние кои допрва доаѓаат и нивната силна потреба за правилен раст и развој. Без телевизиските екрани, мобилните телефони и сите направи кои веќе систематски и неодминливо си го земаат данокот во вид на зависностите на модерното доба.

Од таму, нималку нема да чуди што и за ова издание на Фестивалот ќе се бара карта повеќе, а со големо внимание ќе бидат следени и вообичаените работилници кои само се јаготка на шлагот на случувањето покрај предвидената програма.

И, кога сме веќе тука првичната информација е дека отворањето ќе биде во понеделник од 19.30 часот на сцената во кино „Фросина“ со изведбата на „Светлосни години“ на Луз Микро и Пинто од Шпанија, претстава наменета за оние над шест годишна возраст.

Лејди Ди Фјуз е композитор која ја поминува целата ноќ барајќи мелодија. Исцрпена, заспива над инструментите и кога се буди, конечно наоѓа инспирација. Возбудена, почнува да ја свири новата песна, од чии музички ноти ќе бидат родени слики, кои со светлина и сенки, ќе ни раскажат приказна.

Две марионетки од полиците со книги, се будат со човечки способности. Со светлината и музиката ќе ги оживеат предметите и ќе ја раскажат приказната за врската помеѓу дрвена кукла и сино јајце.
„Светлосни години”, всушност зборува за сон, за копнеж и за нераскинливата поврзаност помеѓу две битија. Тоа е приказна за другарство во еден уникатен свет направен од музика и бои.
Станува збор за современ театар на сенки во кој е дозволено да се гледа поставувањето на сцената придружено со музика.

Наредниот ден, на 26 ноември, во Џебно кино од 18 часот ќе биде сторена проекцијата/ презентацијата на стоп анимацијата со сенки на Фабијан Штроебер од Германија насловена „Црна школа“ и наменета за тинејџерската публика.

Во неа се говори за еден сирак кој во обид да не остане гладен ја прифаќа понудата на непознатиот: да живее безгрижно како чирак во една воденица. Предоцна ќе примети дека тоа е стапица. Но животот има и изненадувања за него...

Авторот Штроебер (роден 2004) го изработува филмот со сенки со техника стоп анимација во рамките на училишен проект. Компонирањето и изведбата на музиката за филмот се исто така негово дело.

Час и половина подоцна, сега веќе во „Фросина“, настапуваат ЦИА КУАСЕ СИНЕМА од Сао Паоло, Бразил, со својот „Циркус анимус“.

Во својата порака до публиката тие велат: Дојдете! Дојдете сите! Дојдете да ги видите спасените сенки на најголемиот акробат на сите времиња, на најстарите скротувачи на животни и многу атракции кои оставаа без здив кралеви, кралици, принцеви и принцези на најголемите кралства.
За да ги спасиме овие сенки кои беа изгубени во време и простор, моравме да го заробиме единствениот магичен ловец на сенки сè уште жив на земјата, кој денес ќе претвори слон во глушец!

Наредниот ден ЦИА КУАСЕ СИНЕМА, во соработка со Бразилскиот културен центар, за најмладите ќе одржи бесплатна работилница насловена „Во движење“, а во усталениот термин од 19.30 часот, на сцената во „Фросина“ оние над четири годишна возраст ќе имаат можност повторно да другаруваат со својот Театар на „Сенки и облаци“, кој во оваа пригода ќе ја изведе „Алиса и чудата“.

Преку уникатното визуелно изразување со помош на сенките, светлината и белото платно, оваа претстава си поигрува со фантазијата на публиката, притоа, не заборавајќи да потенцира дека сите ние заеднички ја делиме одговорноста за времето да почне да се движи и часовникот најпосле да проработи.

Во неа Театар „Сенки и облаци“ ја разгледува темата за постоењето на времето како можеби единствениот репер за допир со реалноста. Алиса на своето патување во земјата на чудата среќава разни ликови, секој од нив со свои длабоки верувања за тоа што претставува времето, а кои единственото нешто што ги поврзува е состојбата на истовремен хаос и непроменливост.


Кон ова само уште информациите дека во фоајето пред кино „Фросина“ за целото времетраење на Фестивалот ќе бидат поставени инсталацијата „Облаче за секое дете“ и изложбата на Традиционални кинески кукли за театар на сенки.

„Облаче за секое дете“ е продажна инсталација на светлосни објекти за кои инспирација се небото, облаците и детската слобода. Креирани се од реупотребени материјали во рамките на Healthy Options Project Skopje, а собраните средства се наменети за помош на децата со кои соработува ХОПС.

Од друга страна, традиционалните кинески кукли за театар на сенки, изложени во умешно изработена сценографија се плод на ангажманот на дечињата кои ја посетија работилницата за вешто сечење хартија под водство на Институтот „Конфуциј“ од Скопје и „Сенки и облаци“.

И, кога сето ова е веќе познато, а приказната околу големиот интерес за манифестацијата е реалност чуди фактот што Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ и натаму останува не доволно препознаен од институциите во државата и од бизнис секторот. Што со секое идно издание се соочува со истиот проблем – се помалку средства за подготовка на програмата и пожелуван раст на манифестацијата.

„Фестивалот не успева да порасне затоа што едноставно нема доволно средства, дури оние кои вообичаено ги добивавме се и намалени. Затоа и не можеме да каниме повеќе гости и да прикажеме повеќе претстави. Ова е седмо издание и пак остануваме на три дена, на три до четири учесници – тоа е максимумот што сме го имале и претходните години, така што се надевам дека во иднина или Министерството ќе има повеќе слух да го подржи Фестивалот затоа што после седум години, после целиот интерес што го има за него мислам дека сме го покажале тоа и заслужуваме поинаков однос. Од друга страна се надевам дека конечно ќе најдеме некој покровител кој би не го поддржал „Сонот на облачето“ и така би биле во позиција да пораснеме во смисол да имаме поголемо учество, да викнеме повеќе театри и да имаме повеќе денови за магијата на сенки и радоста на децата“, вели Круме Стефановски, кој заедно со неговата сопруга Катерина и Благородна Коцева Симјанов, Александра Стојановска и Дарко Богески како организатори ја потпишуваат манифестацијата.