Чествување на композиторот Гоце Коларовски на „Есенски музички свечености“

„Сцени“ е насловен авторскиот концерт посветен на 60 годишнината од раѓањето на прерано починатиот македонски композитор Гоце Коларовски, што во рамките на Есенски музички свечености ќе се одржи оваа сабота, на 16 ноември во 20 часот, во Музеј на македонската борба

Замислен како еден од посебните и неопходни настани на јубилејните 20-ти „Есенски музички свечености“ чиј организатор е Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, „Сцени“ е авторски концерт посветен на 60 годишнината од раѓањето на прерано починатиот македонски композитор Гоце Коларовски.

Изборот на програмата е на неговата сопруга пијанистка и педагог Викторија Коларовска – Гмирја, а во изведбата на делата од сите периоди на неговото творештво учествуваат музички уметници од Македонија и од соседна Србија.

Така во првиот дел „Извори“, во „Сам-езгија“ од 1977 година ќе ја слушнеме флејтистката Јелена Јаковљевиќ, „Сонатата за пијано“ од 1984 ќе ја изведе Никола Цветковиќ.

Вториот дел „Ѕвона“ ќе започне со композицијата „Четири мигновенија на пролетта“ од 2002 година работена на стихови од Мацуо Башо што ќе ја исполни тенорот Сашо Арсенов со пијано придружба на Цветковиќ, за да потем во прелудиумот за пијано од 1992 година - „Вечерен ѕвон“ ја чуеме нашата Ива Дамјановски.

Следува композицијата „Четири снежни мигновенија“ од 2003 работена повторно по стиховите на Башо во чија изведба учествуваат сопранистката Гонца Богоромова-Краповски и пијанистката Марија Вршкова, за да оваа програмска целина кулминира со првата изведба во Македонија на „Камбани“ од 1995 година, обработката за пијано, харфа, вибрафон и ѕвона од Олга Викторова (2014), со нашите Коларовска-Гмирја како пијанистка, Мерсиха Шукри на харфа, Мојца Седеу на вибрафон и Горан Митрев на ѕвона.

Конечно, во третиот дел насловен како „Т'га за Север“, композицијата „Сцени“ со својата умешност ќе ја донесе Дамјановски, за сонатата за виолина и пијано „Ленинградска“ ќе се погрижат врвните инструменталисти кои и досега посегале по творештвото на својот професор Владимир Костов и Марија Вршкова, за да пијанистката нешто потоа и го затвори кругот со изведбата на „Алузии на 1906“ што композиторот Коларовски ја напишал во 2006 година.

„Фантастична работа е кога човек, уметник има можност повторно и повторно да се сретне со творештвото на композитор со кој толку многу години соработувал, каков што е случајот што колегата виолинист Владимир Костов и јас го имаме со омилениот професор Гоце Коларовски. И не само како солисти, туку и преку делувањето на групата АЛЕА во која своевремено свиревме и Костов и јас. Од таму ова е една голема привилегија и не само за нас, туку и воопшто за сите уметници од овој проект која пак ни дава можност за уште една несекојдневна средба со делата на Коларовски како еден од најпознатите, најпопуларните и најмногу изведуваните композитори во Македонија“, вели пијанистката Марија Вршкова .

Богоморова, Костов, Дамјановски и Вршкова на концертот во Ниш

И, по овие нејзини зборови и она најважното.

Роден 1959 година Гоце Коларовски е истакнат македонски композитор, научник и музички деец, долгогодишен професор и декан на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Композиторското образование го стекнал на ФМУ – Скопје во класата на академик Властимир Николовски кадешто станал и прв магистер по композиција.

Од големо значење во неговиот развој како творец беше и специјализацијата на Државниот конзерваториум „Н. А. Римски-Корсаков“ во Санкт-Петербург во класата на реномираниот композитор и педагог Сергеј М. Слонимски.

Гоце Коларовски

Како професор на Факултетот за музичка уметност во родниот град подоцна Коларовски оформил една од најбројните класи по композиција во историјата на оваа институција, а неговите дипломирани студенти денес се видни творци, педагози и двигатели на музичкиот живот во Македонија и надвор од неа.

Гоце Коларовски бил иницијатор и предавач на повеќе школи и мастер класи по композиција во земјава и поканет предавач на странски универзитети. Особено значајна и плодна беше неговата соработката со Универзитетот во Ниш, кадешто тој бил ангажиран на Факултетот за уметности како професор по музичко-теориски предмети и ментор на дипломски трудови. Од таму нималку не е чудно што неговото дело со овој избор и со споменатите репродуктивни уметници беше чествувано пред само десеттина дена на 45-те Нишки музички свечености.

„Концертот на 45-те Нишки музички свечености помина многу емотивно. Од реакцијата на тамошната публика сфативме колку Коларовски бил омилен во Ниш и таквата атмоссфера му даде еден посебен белег на тој концерт. Ние како изведувачи едноставно не очекувавме таков искрен и топол прием и се надевам дека целата таа еуфорија ќе се случи и на средбата со македонската публика во сабота на концертот во рамките на нашите Есенски музички свечености што ќе се одржи во Музејот на македонската борба“, смета Вршкова.

И она најзначајното. Творештвото на Гоце Коларовски е цврсто потпрено на националните извори, а во исто време ги одразува и модерните текови на светската уметничка музика – рационалните композиторски техники, цитати и стилски алузии, максимално концентрираниот израз. Неговата симфониска музика, камерни дела за различни состави, солистички композиции со успех се изведуваат на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и во други земји, секогаш оставајќи траен впечаток со својата длабока мисла, емотивност, композиторско мајсторство.