По нешто повеќе од година и половина кога со Македонска филхармонија на настанот посветен на 100 годишнината од раѓањето на славниот американски композитор Леонид Бернштајн беше солист во Концертот за виолончело и оркестар од Вилијам Волтон, прочуениот германско-француски виолончелист Николас Алштед, еве го повторно на сцената на нашата национална институција. Овојпат на концертот насловен „Нов здив“ на кој, со оркестарот под диригентство на Ален Бурибајев од Казахстан, ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од Мјачеслав Вајнберг. Со неговиот перформанс ќе биде означен почетокот на 20-то јубилејно издание на културната манифестација „Есенски музички свечености“ што како организатор ја потпишува Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.
И кога сме веќе кај Николас Алштед само да ја повториме констатацијата дека станува збор за виртуоз на виолончело и еден од најбараните инструменталисти на современата светска музичка сцена.
Тој настапува како солист и диригент, а неговиот репертоар е широк и опфаќа дела од сите музички епохи. Свирел со врвни светски оркестари и соработувал со диригенти како Ека Пека Салонен, сер Невил Маринер, Владимир Ашкенази, Густаво Дудамел...и други. За него критиката ќе забележи дека е исклучителен челист кој има индивидуален и препознатлив начин на изведба. Еден од оние за кои „нема граници“.
Од таму нималку не чуди што во случајов Николас посега по Концертот за виолончело и оркестар од Вајнберг, антиформалистичко дело кое било затворено во фиоката на композиторот до смртта на Сталин.
„Кај Вајнберг ме привлече музиката, пред сè... Индивидуалноста на неговиот музички јазик. Вајнберг неправедно често е занемарен поради сличноста и блискоста на неговата музика со онаа на Шостакович, но за мене неговото творештво е многу посебно“, знае да каже Алштед.
Николас Алштед
Инаку, делата на Мјачеслав Вајнберг, полски композитор кој емиригирал во Русија се едно од најдобро скриените богатства во музиката на 20 век. Тој често бил во сенка на неговиот близок пријател Дмитри Шостакович, а неговиот опус полека почнал да се открива во доцниот 20 век. За неговата музика се вели дека е микс од традиционални и современи форми во кои доминира индивидуалниот музички јазик со уникатно чувство на колорит.
Конечно чинот на отворање на „Есенски музички свечености 2019“ ќе биде збогатен и со изведбата на „Чудесниот Мандарин“ од Бела Барток, фантастичното музичко остварување напишано за истиомениот пантомима балет. Станува збор за дело чија прва изведба во Келн во 1926 година била проследена со низа контроверзии и цензура, главно поради „прекршените“ морални кодекси. Познавачите ќе дополнат дека тоа е прилично неконвенционално и има поинаков призвук од стандардниот, атмосфера на „конкретна џунга“ како што напишал Барток на самата партитура.
А, кога сме веќе кај 20-то јубилејно издание на манифестацијата да кажеме и тоа дека таа до 28 ноември на неколку сцени ќе понуди програма која несомнено ќе го предизвика љубопитството не само на познавачите, туку и на пошироката публика. Така веќе во понеделник на 4 ноември во Фоајето на Националната опера и балет, под диригентство на Сашо Татарчевски, ќе настапи многупати наградуваниот Женски младински хот при Младински културен центар од Скопје, а три дена подоцна во Домот на АРМ, во рамките на одбележувањето на 70 годишнината од основањето на „Танец“, вокално-инструменталниот ансамбл на оваа наша национална институција ќе го одржи концертот насловен како „Там дека има високи чардаци“... За 15 ноември е планиран „Полифони одблесоци“ со камерниот оркестар ПРОФУНДИС и солистите Наде Талевска - Спасовска - сопран и Стојанче Косовски – труба, а наредниот ден и концертот „Сцени“ посветен на 60-годишнината од раѓањето на прерано починатиот македонски композитор и професор Гоце Коларовски.
Женски младински хор
И, тука не е крајот бидејќи следува концертот на студентите на Факултетот за музичка уметност, потем Младинскиот музички маратон, изведбата на балетската претстава „Дамата со камелии“, Концертот на националната филхармонија и хорот „Кодај“ од Дебрецин, Унгарија, оној на бугарските музички уметници Петар Македонски на труба и Надежда Цанова на пијано и промоции на книгите „Развојот и дејноста на музичките културно - уметнички организации и манифестации во Македонија“ од Наташа Диденко и „Песните се нивен незаборав“ од Кирил Тодевски и Марија Велковска.
Никола Глигоров, првиот човек на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, во пресрет на почетокот на манифестацијата знае да каже дека и овојпат, заедно со врвните институции од областа на музиката во нашава држава, врвните уметници и драгите гости кои доаѓаат од странство, успеале да направат квалитетна и атрактивна програма којашто и годинава ќе го задржи вниманието на скопската и македонската публика.
„ „Есенските музички свечености“ ги ставија градот Скопје и нашата држава на мапата на фестивалските држави и градови којшто ја негуваат пред се класичната музика и придонесуваат во нејзината популаризација и афирмација. Се надевам дека таа подршка нема да изостане и во наредниот период, пред сè ќе кажам и потенцирам од самите уметници, но секако очекуваме и поголема и поконкретна помош од нашите главни покровители – Министерството за култура и Градот Скопје. Сакам да ја искористам и оваа можност да ги поканам љубителите на музиката, посебно оние на сериозната, да бидат во текот и на овој период заедно со нас и така месец ноември да го претвориме во месец на музиката“, вели Глигоров.