Филхармонија „Меѓу срцето и умот“ и Глузмaн како солист на виолина

„Меѓу срцето и умот“ е насловен концертот на кој Филхармонија под диригентство на Михал Несторович од Полска, на 14 ноември, ќе ги изведе Концертот за виолина и оркестар од Феликс Менделсон и Симфонија бр. 5 од Сергеј Прокофјев. Солист ќе биде прочуениот израелски виолинист Вадим Глузман.

Концертот за виолина и оркестар на Менделсон е еден од најсовршените во виолинскиот репертоар. И хармонски и ритмички и мелодиски, нема нешто што треба да се додаде или одземе во него. Во исто време, тој ја носи „тежината“ на традицијата која ја создале генерации музичари пред мене. Да бидеш инспириран од традицијата, без да следиш никого, да го најдеш својот глас без да ги нарушиш интенциите на композиторот и на крај да ја допреш суштината на делото – тоа се најважните предизвици кога пред себе имаш ваква генијална композиција.

Ова ќе го забележи прочуениот израелски виолинист Вадим Глузман во пресрет на неговиот настап со Македонска филхармонија, со која на концертот насловен како „Меѓу срцето и умот“ , претстојниот четврток, на 14 ноември во 20 часот, ќе диригира Михал Несторович од Полска.

Вадим Глузман, виолинист од Израел

И, кога сме веќе тука ова подразбира дека со ансамблот на нашата национална институција како солист ќе музицира истиот оној кој редовно настапува со сите светски оркестри како Берлинската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Филаделфија, Израелската филхармонија, Лондонската филхармонија, „Концертгебау“... со славните диригенти како Рикардо Шаји, Туган Сокијев, сер Ендру Дејвис, Неме Јарви, Паво Јарви, Хану Линту...и така со ред. Уметникот кој со своите вештини не само што ја оживува славната виолинистичка традиција од 19 и 20 век, туку со својот репертоар длабоко нурнува и во современата, новата музика.

Но, кој е Вадим Глузман? Роден 1973 година во поранешниот Советски сојуз Вадим виолина почнал да учи на седумгодишна возраст. Потем студирал во Летонија и во Русија пред да се пресели во Израел, а се усовршувал во САД. На почетокот од својата кариера добил поддршка и бил под менторство од Исак Штерн, комуникација што траела се до смртта на славниот виолинист (2001), а во 1994 ја добил престижната награда за успех во кариерата од Фондацијата „Хенрик Шеринг“.

За него е познато дека е активен и како солист и како камерен музичар. Заедно со сопругата, пијанистката Ангела Јофе со која настапува на рецитали, основачи се на Фестивалот за камерна музика во Чикаго. Од друга страна, како член на пијано трио, заедно со пијанистот Евгениј Судбин и виолончелистот Јоханес Мозер, Глузман е редовно на турнеи по Европа при што често настапува во прочуените сали како лондонската „Вигмор Хол“ и берлинската „Концертхаус“, а како солист познати се неговите соработки со симфониските оркестри од Торонто, Ванкувер, Орегон, Гетеборг и Луцерн.

За својата дејност и снимените носачи на звук добитник е на бројни признанија меѓу кои посебно бележите се Избор на уредникот на „Грамофон“, „Шок де Класика“ на списанието „Класика“, награда од музичкото списание на „Би-би-си“, од „Класик ФМ“ и многу други.

Конечно важен е и податокот дека Глузман свири на легендарната виолина од марката „Страдивари“ од 1690 година која му припаѓала на Леополд Ауер и за која знае да каже: Неверојатно добро е да се свири на инструмент, чиј звук го имале предвид Чајковски и Глазунов кога си создавале своите виолински концерти. Овој исклучителен инструмент на своите часови го слушале колосални виолинсти како Јаша Хајфец, Нетан Милстајн и Миша Елман. Тоа за мене е апсолутно инспиративно и посебно. Чувствувам како да се затвора историскиот круг и во исто време како да го пренесубам факелот кон новите генерации кои допрва доаѓаат.

Маестро Михал Несторович, Полска

Од друга страна, Михал Несторович е роден 1974 година во Вроцлав каде што и дипломирал на тамошната Академија за музика со највисоки оценки во класата на Марек Пијаровски. Во 1999 година тој ќе биде еден од победниците на Интернационалниот натпревар по диригирање во Катовице, а половина декада подоцна, на свои 29 години, маестро Нестерович ќе биде назначен за уметнички директор на Полско-балтичката филхармонија во Гдањск.

Еден период ќе биде и главен диригент на Националниот симфониски оркестар во Чиле, каде што на таа позиција ќе остане до 2011 година. Се разбира, Нестерович и понатаму диригира со сите оркестри во својата родна земја, Филхармонијата на Варшава, Филхармонијата во Вроцлав, Полскиот национален радио-симфониски оркестар. За него критиката ќе каже дека е „уметник од кој не може да се остане рамнодушен, бидејќи поседува експресивна гестикулација, интелигентна музичка имагинација, и неговите концерти се навистина уникатни“.

Оваа концертна сезона Михал Несторович дебитираше и со Минхенската филхармонија, со Симфонискиот оркестар на Хамбург, со Филхармонијата на Луксембург..., а се враќа да диригира и со симфониските оркестри на Барселона, Базел, Галиција и со Кралската филхармонија.