Без прогресивен данок - победа на богатите или изборен популизам?

Илустрација

Одлуката на Владата да ја замрзне мерката за прогресивен данок, според аналитичарите, не може да се смета за идеолошка збунетост оти, како што велат, кај нас партиите и немаат идеологија. Според економистот Петар Гошев, одлуката е резултат на „лобирањата на мал круг богати луѓе“.

Една деценија и четири изборни циклуси СДСМ во својата партиска програма, со која се обидуваше да добие гласови, ветуваше прогресивен данок, мерка која по неполна година одлучи да ја одложи министерката за финансии Нина Ангеловска. Рамниот данок на ВМРО-ДПМНЕ, на кој се врати државата сега, СДСМ, пак, од опозиција силно го критикуваше тврдејќи дека не помага кон намалување на нееднаквоста, туку напротив го насочува доходот кон богатите и кон странство.

Мерката прогресивен данок и онака беше симболична, оти за да има ефект врз нееднаквоста требаше да се направат посериозни промени во даночната политика, оценува економистот Петар Гошев. Но, и оваа мерка со која СДСМ се обидуваше симболично да се разликува од ВМРО-ДПМНЕ сега се укинува врз основа на, како што вели поранешниот гувернер, „никакви анализи“.

„Овој начин на одлучување покажува дека одлуките се носат надвор од системот, а потоа им се сервираат на куклите што го играат театарот во институциите, без интегритет. Ова не е одлука која е донесена од органите на СДСМ, туку од тесен круг на луѓе, ова мерка е резултат на лобирањето на најтесниот круг на богати луѓе кои немаат сочувство со огромниот број сиромашни луѓе во Македонија“, вели Гошев.

Политичкиот аналитичар Сашо Клековски оценува дека не може да се работи за идеолошка конфузија на СДСМ, оти кај нас партиите не се формирани и водени врз основа на идеологии. Тој забележува дека и двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, досега преземале мерки кои се, условно кажано, од спротивната идеологија, но додава дека даночната политика и прашањата на недискриминација, ЛГБТИ права се она што ја разликува сегашната власт од опозицијата.

„Се работи за класичен предизборен популизам со кој партијата на власт се труди да се додвори на што е можно повеќе гласачи или специјални интереси. Сигурно замрзнувањето на мерката не е засновано врз анализи за спроведувањето, бидејќи шест месеци е краток временски период за да се анализираат ефектите од примената на една политика“, вели Клековски.

Инаку, прогресивното оданочување стапи во сила на први јануари годинава, а за негов главен промотор се сметаше поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски. Тој беше реконструиран од владата во таканаречената операција „метла“ најавена по лошите резултати од првиот круг претседателски избори. Неговата наследничка Ангеловска, пак, дополнително соопшти дека покрај прогресивното оданочување се одложува оданочувањето на доходот на камати од депозити и на доходот од капитална добивка од хартии од вредност за 2023 година.