Достапни линкови

Климатските промени ги загрозуваат пчелите, а фалсификаторите на мед - пчеларите


Кумановските пчелари се жалат дека климатските промени се одразуваат на производството на мед. Друг проблем кој го нотираат е нелојалната конкуренција, односно производителите на вештачки мед.

Климатските промени и годинава не беа особено погодни ниту за пчелите, ниту за пчеларите. Згора на тоа пчеларите се борат и со нелојалната конкуренција од лажните производители на медот, едногласно забележуваат 20-ина пчелари кои три дена на кумановскиот плоштад ги изложија своите производи. Според нив цената на медот од 400 денари за 700 грама веќе три години не е сменета, затоа што куповната моќ на потрошувачите е слаба. Но во некои од маркетите се продава лажен мед по пониска цена.

„Сè помалку има пасишта за пчелите, годинава јули и август речиси мртов беше растителниот свет, немаше цвеќе, пчеларниците малку рано наутро носеа малку полен, цел ден мируваа. Тоа негативно се одразува на пчелата, на развојот, доаѓа до прекин на леглото, старите пчели угинуваат, нема нови, се намалува бројот на семејствата“, вели пчеларот Слободан Денковски од селото Пчиња. Тој повеќе од една деценија произведува органски мед. Доколку има потреба за прихрана на пчелите појаснува дека тоа го прави исклучиво со нивниот мед, затоа што пчелата е многу важна за опстанок на живиот свет, секако и на луѓето.

„Факт е дека во најголема мера пчелата го врши опрашувањето на целиот растителен свет, сето она од што ние зависиме. Околу 10 проценти опрашувањето го врши ветер, а останато инсектите, од нив пак најголем дел, можеби околу 90 отсто од тоа, пчелата е опрашувач“, вели тој.

За некои од пчеларите годинава е вносна, за некои пак има намалување на производството. Пчеларот Часлав Ристовски од селото Косматац објаснува дека е интересно тоа што големи разлики се забележани на мало растојание.

„Ние не треба да ги прихрануваме пчелите, туку треба да им го оставаме медот. Впрочем пчелите си го собираат за нив, не за нас. Ние фактички им го крадеме, ама треба да се одземе само вишокот, а останато да им се остави за да презимат. Јас правам поделба на пчелари и медари. Пчеларите им го оставаат медот на пчелите за да презимат успешно, а медарите кои се алчни тие им го одземаат медот, а ги прихрануваат со шеќерен сируп и со погачи“, вели Ристовски.

Климатските промени и според него си го земаат својот данок, што се гледа по приносите од пред две-три децении. Во јуни и јули главно се најголемите суши. Ристовски посочува дека се во постојана борба со оние кои вештачки го прават медот и се нелојална конкуренција.

„Тоа не е цветен мед од нектар на растението, туку е вештачки од шеќер и тој е неквалитетен за употреба. Ние водиме борба со производителите на тој мед. Државата презема мерки, но не доволно. Тие и понатаму продаваат на пазарот, по патишта, автопати, тешко можеме да се справиме со тоа.“

Ако пчелата му помага на човекот да преживее, тој треба да и возвраќа, а не да ја уништува. Затоа и кумановските пчелари сметаат дека би било добро да се засадат медоносни растенија како што се багремот, фацелија, хељда, шеќерна репка.

Македонските пчелари се уште својот мед го пласираат само на домашниот пазар, за извоз им треба помош од надлежните во државава.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG