Достапни линкови

Лоша година за пчеларите, нема мед ниту за лек


Пчеларите од Куманово велат дека годината нема мед. Како главен виновник ги посочуваат лошите временски услови, кои се последица на климатските промени.

„Четириесет години работам со пчели. Оваа година е незапаметена за пчеларство, по кило ипол од кошница. Тоа значи им го украдовме на пчелите. Ова е најлоша година што паметам“, вели Милорад Арсовски кој е меѓу осумте кумановски пчелари производители на органски мед. Тој појаснува дека климатските промени, особено студените пролетни денови се главната причина за минималното производство на медот.

„Годината немаше благослов. Имаше суши, па производство на медот не беше добро“, вели Арсовски.

Тој додава дека пчелите треба да бидат здрави, а и пасиштата да бидат плодни. За органско пчеларство тој вели дека е поздраво.

„Не смее било што да се става. Контролирано е.“

Додека вистинските пчелари се под постојана контрола, во недостаток на медот, со тоа и неговата повисока цена, на нашите пазари, меѓу кои и во Куманово се продава фалсификуван мед. Тој е поевтин, но тоа не е ниту мед. Главен белег за фалсификуваниот мед е што тој не може да кристализира.

Меѓутоа она што загрижува се информациите од разни страни на светот дека се забележува изумирање на пчелите.

„Штом ќе угинат пчелите и природата изумира. Од природата тие живеат, а штом таа толку ќе се загади, настанува крај на светот.“

Горан Митевски е производител на конвенционален мед. И тој вели дека оваа во однос на претходните години е катастрофална за пчеларството. Не само во земјава, туку во целиот регион.

„Имаше и дожд и сонце, но во погрешен период. За пчелите тоа не одговараше. За флората да меди мора да има соодветни температури и влага. Многу се битни и ноќните температури бидејќи тогаш пчелите го преработуваат и го складираат, а дење го носат“, вели Митевски.

Тој раскажува дека годинава производството му било намалено на 30 отсто во однос на претходната, а претходната пак исто така било намалено на 70 проценти. Тоа укажува дека пчелите тешко се справуваат со климатските промени.

„Не само кај нас, туку нашите контакти покажуваат дека на Балканот состојбата е лоша, побарувачката на медот постои, така што и цената ќе биде зголемена. Кај нас во Македонија сепак имаше колку да ја продолжиме традицијата и да пробаме, во Србија на пример, немаше ниту за проба мед. Слична е состојбата и во Бугарија и Грција“, објаснува Митевски.

Пчеларите не се занимаваат со фалсификуван мед, но за тоа надлежните треба да обрнат внимание. Неупатените граѓани, оние со малку пари или пак за лек лесно е да бидат измамени и да купуваат вештачки производ, кој само наликува на мед, апелираат вистинските пчелари.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG