Ќе има ли избори на 12 април?

Архивска фотографија- Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

Партиите да си ги спремат листите со кандидатите за избори на 12 април, рече премиерот Зоран Заев додавајќи дека очекува до распуштањето на Собранието да заврши ратификацијата за членството во НАТО. Од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците не гледаат причина за одложување на изборите.

Премиерот Зоран Заев по отворањето на дилемата дали ќе се одложат парламентарните избори договорени за 12 април идната година денеска рече дека партиите треба да си ги спремат листите со кандидатите за пратеници. Тој рече дека очекувал целата постапка околу ратификацијата за членството во НАТО да биде завршена до 11 февруари кога треба да се распушти македонското собрание.

„Сите проекции, што ги направивме е дека останува само Шпанија, која на 10 ноември има парламентарни избори, има закажано конституирање на Парламентот на 3 декември. Тоа значи дека го имаме цел декември, цел јануари, и десетина дена од февраури, и те како постои соодветно време да се реализира. Не сакам да испратам никаква порака до било која политичка партија и потенцијални кандидатски листи за изборите да не се подготвуваат„, вели Заев.

Дилемата се отвори поради ратификацијата на протоколот на земјава за зачленување во НАТО, докуменот кој откако ќе го ратификуваат сите земји членки, тоа треба да го стори и македонското собрание, па ако процедурата заврши по распуштање во февруари нема да има можност за ратификација. Претседателот на Собранието Талат Џафери пак минатата недела рече дека не постои можност кога веќе Собранието ќе биде распуштено да се свика доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.

„Генерално не очекувам промена на датумот за изборите, но истовремено испраќам порака дека треба да ја знаеме одговорноста кон државата, а како што и бевме одговорни и да повикаме вееднаш на Парламентарни избори, како што бевме одговорни да седнеме и како разумни луѓе, да договориме датум за избори, сите заедно со консензус. Така секако сите треба да водиме грижа за интересите на државата“, вели Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, не гледаат причина за одложување на изборите. Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски денеска рече дека на лидерската средба во која што учествуваа сите политички партии било утврдено дека изборите треба да се одржат на 12 април, односно техничка влада да се формира на 3 јануари 2020 година.

„Ние не гледаме причина да се одложат веќе закажаните избори за 12 април, а согласно процедурите на собранието и претседателот на собранието ќе се одлучи дополнително дали има простор да се изгласа ратфикацијата или ќе треба да се направи некоја друга отстапка“, рече Трипуновски.

И лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, синоќа во интервју за телевизијата Канал 5 рече дека за нив 12 април е датумот за одржување предвремени парламентарни збори.

Премиерот вчера, пак, рече дека треба да се внимава државата да биде функционална за да се донесе важна одлука како што е членството во НАТО. Тој нагласи дека 12 април треба да се задржи како датум за избори, но дека сепак се остава можност какви било промени да се случат заради НАТО. Села ова го толкуваше како страв на власта од избори.