Тетовци со разни начини се обидуваат да се спасат од загадениот воздух. Некои заминуваат надвор од Тетово дури и во други градови. Познатиот занаетчија во Тетово 73 годишниот Мане Илиески големиот број пријатели изминативе неколку години се помалку го гледаат во градот, зошто тој бегајќи од загадениот воздух времето го минува во Охрид. Можноста таму да обезбеди стан порано, сега му се покажала како паметна инвестиција. Сега кога здравјето му е нарушено, вели така нашол спас со оглед дека чистиот воздух му е повеќе од потребен за нормално живеење.
„Јас си заминувам до Охрид. Таму ни глава ме боли, ни ништо, овде во Тетово, цел ден матна ми е главата, ќе излезам до плоштад едвај ќе се вратам назад. Па во Охрид никакви проблеми немам, ни со главата, иако имав излив пред неколку години во главата“, вели тетовецот.
Мане вели во Тетово и ретко излегува, зошто организмот му е чувствителен на загадениот воздух и нездравата животна средина во градот и веднаш му се создаваат тегоби.
Видете и ова: Како да се почне зимата без загаден воздух во Тетово?„Не излегувам од дома. Не можам да излезам, ми се врти во главата, не сум способен и нешто да поработам, леб не можам да одам да купам до дуќан. Во Тетово може да се оди до Бањиче или до Кале, ама за мене е проблем што не можам да одам толку, немам рамнотежа“, вели тој.
За разлика од Тетово, во Охрид, до толку „му годи“ подобрата животна средина, што се чувствува повеќе здрав.
„Во Охрид возам точак, кога сакам во град си одам, точак ќе си земам во град, ќе си поминам убаво и ќе се вратам.Таму има патеки направено, многу лесно се поминува. И кај што нема патеки, чист воздух, езерото ја впива прашината. Тука во Тетово друго е ... Таму може и рано да се станува, од што е чисто, не ти се спие. Чистиот воздух надополнува претежно на оние болни, како јас со главата, со рамнотежа изгубена, таму кога можам точак да возам, а овде не можам, значи нешто има“, објаснува Илиески.
Тетово со години е меѓу најзагадените градови во земјата.