Загрозената состојба на високото образование во државава јасно е видлива низ огромниот недостиг на асистенти на двата најстари јавни универзитети, „Св. Кирил и Методиј“ и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, ниските плати како и селективниот и волунтаристички пристап од надлежните во однос на кадровска обнова на високо образовните институции, покажуваат заклучоците од истражувањето за структурата на вработените на шесте јавни универзитети на Независниот академски синдикат (НАКС).
Резултатите кои НАКС денеска ги презентираше во јавноста покажуваат дека на УКИМ, од вкупно 26 факултети, на осум факултети немаат ниту еден вработен асистент, додека на УКЛО состојбата е уште полоша и на повеќе од половина од факултетите не е вработен ниту еден асистент. Прегледот пак на структура на професори покажува дека вкупниот број на млад кадар е двојно помал од бројот на професори кои во перспектива треба да заминат во пензија. Слична е состојбата и на научните установи каде бројот на асистенти варира од една до друга установа. Дел од нив имаат само по еден асистент, но има и институти каде нивниот број е шест пати поголем од бројот на научни советници.
„Во блиска иднина може да биде загрозен опстанокот на факултети на УКИМ и УКЛО, а и во моментов на некои е отежнато изведувањето на наставната и на научната дејност“ изјави професорката Маја Стевановиќ која е претседателка на НАКС . Таа дополни дека на вчерашната средба во МОН побарале да се направи анализа на вработените и итно да се отпочне со ревитализација на УКИМ и на УКЛО како и на научните установи со тоа што во буџетот за идната година ќе се обезбедат пари за интервентно вработување на професорски и асистентски кадар
„Универзитетите и јавните научни установи по автоматизам да добиваат согласност за вработување за места за кои веќе се обезбедени пари од буџетот кои се испразнети порaди пензионирање“, вели Стевановиќ
Таа дополни дека министерот Адеми ја разбрал аргументацијата дека вработувањето на млади кадри на универзитетите и на научните институти треба итно да отпочне. Исто така на средбата во МОН им било побарано да го достават нивниот предлог за колективен договор кој е во подготовка, а договорено е исплата на парите за минат труд да биде предмет на колективен договор.
Професорката Мимоза Ристова од НАКС вели дека актуелните состојби се причината што нашите универзитети со години не може да се најдат на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот. Таа вели дека е заблуда оти во високото образование има високи плати и дополни оти кај нас за разлика од земјите од регионот тие се деградирачки.
„Како со ниски плати и без млад кадар на универзитетите може да очекуваме земјава да се најде меѓу 1000 најдобри универзитети во светот", вели професорката Ристова.
За разлика од најстарите државни универзитети кај новоформираните состојбата е значително подобра каде бројот на асистенти го надминува бројот на редовни професори како на пример на Државниот Универзитет во Тетово.
Според истражувањето има нелогичности во однос на процентот на ненаставниот кадар односно административниот и помошниот персонал кој е вработен со основно образование. Според податоците на УКИМ и на УКЛО процентот на вработени со најнизок степен на образование се движи нешто над 8 проценти додека на Државниот Универзитет во Тетово е скоро двојно поголем и изнесува 12,3 проценти од вкупниот број на вработени.
Од НАКС бараат да се преиспита и постоењето на универзитетите и научните установи кои не ги задоволуваат законските услови.
„Согласно одредбите од законите не е јасно како може да пости Институт без ниту еден вработен истражувач, со само два асистенти и десет вработени од редот на административниот кадар“, се наведува во истражувањето.