Достапни линкови

Луѓето масовно се иселуваат, државата нема стратешки план


Илустративна фотографија.Авион.
Илустративна фотографија.Авион.

Светска Банка објави дека над 500 илјади граѓани се иселиле од државава. Младите се разочарани од животниот стандард и си заминуваат, велат упатените. Според нив, недостасува стратешки план како да се спречи, како што велат, егоздусот.

Младите сочинуваат 30 проценти од жителите во државава. Истражувањата покажуваат дека 37 насто се без вработување, што е големо намалување од пред неколку години кога процентот изнесуваше над 50. Но, во земјите од ЕУ тој процент е неколкукратно помал, па така во Германија само 6 проценти од младите се невработени.

Ретки се младите во државата кои размислуваат да останат тука. Радио Слободна Европа праша дел од студентите на Универзитетот УКИМ во Скопје дали би сакале да студираат надвор од државата. Еве што ни изјавија некои од нив;

„Имам многу пријатели што учат во странство и се задоволни од програмата што ја учат. Имаат повеќе можности за пракса, дури и платени пракси и можност да запознаат нови култури и луѓе“.

„Дефинтивано да, истата насока би ја запишала во друга држава бидејќи мислам дека квалитетот на образование во друга држава е многу подобар“.

Вакви одлуки за заминување од државата младите луѓе особено почнаа да носат по добивањето на безвизниот режим во 2009, кога реално добија можност да си заминат, вели Блажен Малески од невладината организација „Реактор – истражување во акција“. Тој посочува дека размислувањата на луѓето кои се заминуваат се слични и оти животниот стандард, но и политичката ситуација, се главни причини за заминување. Тој додава дека државата од пред три години има донесено стратегија како да ги задржи младите, но во пракса е исто како да ја нема.

„За разлика од времето на поранешна Југославија, денес гледаме еден систем кој е во неможност со конкретни политики на брз начин да ги задоволи младите во 21 век. За жал нема брз начин да ги спречиме да си заминат, живееме во светско општество каде има можности за младите во цел свет. И затоа мислам дека овие бројки на Светска банка ќе бидат такви и во следниот период. Имаше стратегија, но не покажа резултати, ниту пак има евалуација“, вели Мааески.

Потрагата на луѓе за среќа надвор од границите на Македонија со години претставува проблем. Таква одлука во изминатите години донеле половина милион луѓе од кои една третина се високо образувани кадри, покажаа последните податоци на Светска банка. Блажески вели дека овие бројки се проекција, односно дека не се нови. Тој посочува дека Македонија како држава нема стратешки документ кој се занимава со прашањето на младите и оти не води статистика на заминување. Голем број жители не се одјавуваат и, како што вели, живеат и „таму" и „тука".

„За жал не. Владата го нема ставено како една од важните реформски идеи кои сака да ги спроведе како пример воведување на мерач колку млади си заминуваат. Тоа не би било тешко. Во Германија лесна е одјавата кога некој си заминува. Во Македонија тешко е да се изброи во моментов колку млади си заминале. Стратегијата за млади е донесена пред три години, но таа е во отворен процес на ревизија и не ги следи индикатротите. Но, поважно прашање е колку државата издвојува пари за да се имплементираат политики. За жал многу е мал тој број на финансии и не ги даваат резулатаите“, вели Блажески.

Егзодусот е највидлив во источниот регион

Заминувањето на жителите најмногу се чувствува во малите општини.

Источниот регион и полошкиот се најпогодени од иселувањето. Во некои од градовите во овие два региона училиштатата се испразнети и нема доволно деца.

Но, во која мера се испразнети државата нема податоци.

Да се направи попис и план

Иако Светската банка проценува дека низ годините сме останале без 500 илјади луѓе од Реактор посочуваат дека итно треба да се направи попис на населението за да може државата да планира што да преземе.

„Треба да се направи попис за да има точни бројки за да се знае што може да се планира како држава. Иселувањето влијае врз пазарот на трудот и за одредено време ќе нема работници да ги пополнат позициите и тоа е загрижувачко. Иднината ни е во прашање и време е да размислиме што да направиме и каде да инвестираме и во кои ресурси за да ги задржиме младите“, вели Малески.

Осврнувајки се врз политиките со кои Агенцијаат за спорт и млади се обидува да одговори на оваа проблематика директорот Дарко Каевски за Радио Слободна Европа неодамна изјави дека владата има поамбициозен план кој главно се состои од повеќе реформски мерки. Мерките се повеќеслојни, но доминантно насочени кон активирање на младата популација на пазарот на труд:

„Ќе започнам со мерката за младинска гаранција која во 2018 даде добар ефект. Во 2019 е проширено на територија на цела држава. Само преку таа мерка 1.800 млади луѓе најдоа работно место по завршувањето на нивното образование. Во 2019 очекуваме тоа неколкукратно да се зголеми и да даде ефект на територија на цела држава. Потоа, оперативниот план за вработување на млади, имаме голем број мерки кои даваат неповратни средства на млади, грантови за отворање сопствен приватен бизнис. Една од тие инститиции е Агенцијата, каде наградуваме две најдобри бизнис идеи по претходно отворен повик. Потоа голем број на обуки за младите да се стекнат со дополнителни вештини за да може да најдат и работно место но и да отворат сопствен приватен бизнис“, изјави Каевски.

Инаку, според аналзиите на Светска банка, голем дел од младите луѓе кои ја напуштаат Македонија се од информатичкиот сектор, а тоа се должи на тоа што земјата продуцира квалитетен ИТ кадар за кој има побарувачка надвор.

Според истражувањата, најмалку 50 проценти од младите сакаат да ја напуштат државата и да заминат во Западна Европа, а најмногу како дестинации ги избираат Германија Швајцарија и Италија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG