Венти, Гарау и Пренџова со европска слем поезија во клуб МКЦ

Катарина Венти од Австрија, Серџо Гарау од Италија и нивната домаќинка, македонската поетеса Елена Пренџова се учесници на првиот пријателски интернационален слем што ќе се одржи оваа среда, на 30 октомври во 20.30 часот, во клубот МКЦ во Скопје.

По нецели дваесеттина дена од традиционалниот Национален слем-натпревар што се одржа во Прилеп, во среда на 30 октомври во 20.30 часот, во скопскиот клуб МКЦ ќе се одржи првиот пријателски интернационален слем на кој ќе гостуваат уметници од Европа. Публиката, љубителите на перформансот и поезијата, љубопитните...ќе имаат можност да ги проследат получасовните настапи на Катарина Венти од Австрија и Серџо Гарау од Италија, кои ќе се обидат во определениот временски термин да го дадат најдоброто од себе.

Родена 1995 година, Венти е израсната во Виена. Таа студира театар, филм и медиуми, како и мултимедија на тамошниот Универзитет и со слем почнала да се занимава во 2016 година. Две години подоцна станала слем-победничка на Виена и покраините Долна Австрија и Бургенланд, како и претставничка за Австрија на Европското слем-првенство каде го освоила петтото место. Моментално работи како асистентка на продукција во јавното радиодифузно претпријатие ОРФ.

Серџо Гарау, Италија

Од друга страна, Серџо Гарау е роден во 1982 година на Сардинија. Студирал во Торино, каде почнал да пишува за изведувачката група „Спараџуриј лаб“ која учествувала на многу слем-настани во Италија. Потоа продолжил тоа да го прави и за заедничката претстава на музичари, видео артисти и програмери насловена како „ИО Гејм оувер“.

Се занимава со слем-поезија, поезија и видео-поезија. Како автор досега објавил неколку ДВД-а, ЦД-а, антологии... а изложувал во многу галерии. Настапувал во многу земји во Европа. Работи во Лега италијана поетри слем и во списанието „Атти Импури“.

Згора на тоа Серџо Гарау е организаторот на Европското слем-првенство за 2019 година што ќе се одржи во Милано во март во 2020 година, а на кое нашата земја ќе ја претставува поетот Ненад Јолдески, победникот на последниот традиционален Национален слем-натпревар.

Нивна домаќинка ќе биде нашата Елена Пренџова, македонската претставничка на Европското слем-првенство за 2016 година и соорганизаторка на националните слем-натпревари која овој несекојдневен настан го организира буквално без буџет и неговото обистинување е плод само на добрата желба и пријателството меѓу слемерите.

Инаку, Пренџова е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки. Авторка е на десетина поетски збирки и една збирка есеи за поезијата и уредничка на две антологии. Таа е активна членка на Друштвото на писатели на Македонија. Работи како лектор по Стручен современ англиски јазик на Европскиот универзитет во Скопје и држи работилници по креативно пишување во земјата и регионот.

Елена Пренџова

Оваа вечер на слободно говорење, глума, пеење... игра со поезија е предвидено да заврши со „отворен микрофон“ кон кој може да пристапат присутните, а слемот ќе се изведува на македонски, англиски, германски и италијански јазик.

„Во среда Катарина и Серџо ќе имаат свои соло-сешн настапи од половина час, што во слемот значи дека настапувачките, односно настапувачите се долго време на сцената и имаат искуство, односно можат да се пофалат со тежок слем-багаж. Вечерта ќе настапуваме тројцата, и јас како домаќинка на шоуто и искрено се надевам дека ваквата интернационална и шарено-јазична вечер ќе ги намами не само сите љубители на пишаниот збор и изведбената поезија, и не само студентитките и студентите при катедрите за германски и италијански јазик и останатите кои ги изучуваат овие јазици, туку и сите оние добронамернички и добронамерници кои би сакале да бидат дел од оваа слем-историја, од љубопитство, од забава или од која и да е друга позитивна причина“, вели Пренџова.

Таа и со појаснување дека Македонија неколку пати досега учествувала на Европското слем-првенство, на почетокот со прекини, а по 2016 година континуирано. Истакнува и тоа дека со учеството на овој престижен натпревар, македонскиот слем прави исчекор напред и се мапира на видно место на европската слем-сцена.

„Досега на нашите национални слем-натпревари сме имале гостувања на неколку слемерки и слемери од регионот...главно од Бугарија и Србија, но гостувањето на Катарина Венти и Серџо Гарау на слем-сешн посветена на нив е прво вакво претставување кај нас. Со нивното доаѓање во Македонија се двонасочува македонско-европската слем-врска, односно не само што македонските слемерки и слемери настапуваат во Европа, туку започнуваме и нова страница кога и европските слемерки и слемери ќе имаат настапи и свои претставувања во Македонија“, смета поетесата.