Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кој вчера беше испратен до Собранието како приоритетен, односно со предзнакот европско знаменце. Од најголемата опозициска партија велат дека законот не ги исполнува условите за носење на европско знаме и истиот претставува директна злоупотреба на моќ од страна на премиерот и неговите најблиски.
„Станува збор за закон којшто се носи заради лукративните цели на семејството на премиерот. Се предлага закон со којшто корист ќе имаат три фарми за одгледување на марихуана кои се во сопственост или косопственост на семејството Заеви. Таков закон оди на сметка на нивниот бизнис не само да се извезува масло од канабис, туку и за да се извезува цвет од марихуана којашто не е обработена односно им стои во складишта и не можат да ја обработат“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски и додава:
„Сметаме дека ниту еден пратеник не би смеел да поддржи ваков закон којшто поттикнува создавање на нарко картели во регионот со транспортен центар во земјава само поради лични интереси и богатење на семејствата на премиерот“.
Од опозицијата додаваат дека ова не е прв пример на носење закони кои не се усогласени со европското право како европски закон. Такви примери според нив се и Законот за Академија за судии и обвинители и Законот за јазици за кој и Венецијанската комисија испрати мислење дека на институциите им се наметнуваат нереални правни обврски.
Видете и ова: Бизнисот со медицинска марихуана засега жив зијан, профитот допрва се очекува
Новиот предлог закон за опојни дроги и психотропни супстанции стигна во Собранието, но се уште не е ставен на дневен ред. Од пратеничката група на СДСМ велат дека допрва ќе го разгледуваат текстот на законот и засега немаат коментари околу потребата од итност за носење на истиот. Доколку се изгласа потребата од носење на законот по скратена постапка, истиот ќе се разгледува во соодветната собраниска комисија која има три дена за расправа, пред да го испрати на гласање на пленарна седница.
Од Владата пак уверуваат дека овој закон има европско знаме бидејќи одредени одредби во истиот се усогласуваат со европското законодавство и дека Северна Македонија како кандидат за членство во Унијата е обврзана да го направи таквото усогласување.
“На документот со Законот за заштита од опојни дроги и психотропни супстанции има европско знаме, затоа што содржината на Законот во одредени одредби се усогласува со легислативата на Европската Унија. И ние како членка кандидат за влез во Унијата, обврзани сме да извршиме усогласување со европското законодавство. Но, исто така ние како потписник на конвенциите на Обединетите нации кои се однесуваат за контролата на опојни дроги и други психотропни супстанции, обврзани сме да исто така да ги почитуваме одредбите“, се вели во одговорот од Владата.
Правните експерти велат дека законите со европско знаменце подразбираат усогласување со европското законодавство и се дел од реформите кои Унијата од нас ги бара. Сепак, дел од нив сметаат дека конкретниот закон е дефокус на јавноста, чие внимание сега е вперено во Самитот на ЕУ во Брисел.
„Овој закон не треба да се носи токму сега и ми изгледа дека има повеќе политички карактер отколку правен. Овој закон е во интрес на јавноста, но би можел да е приоритет во некое друго време. Вака се работи за класичен дефокус на јавноста и политичка заблуда“, вели универзитетскиот професор Башким Селмани.
Според него минатото покажало дека многу од законите кои се носат со предзнакот европско знаменце се избрзани и не се квалитетно изработени. Како посебен недостаток ја истакнува материјалната подготвеност односно материјалните средства кои се потребни за успешно спроведување на законот.
Последниот извештај „Индекс на одговорност, транспаретност и продуктивност на Собранието“ подготвен од граѓанската асоцијација „Мост“ покажува дека продолжува практиката законите во Собранието да се усвојуваат во скратена постапка со што се доведува во прашање квалитетот и функционалноста на новата регулатива бидејќи не се дава доволно време низ дебата темелно да се продискутираат предложените законски решенија.
Извештајот наведува дека од вкупно 33 усвоени закони во Собранието во првите три месеци од годинава 10 закони биле донесени во редовна постапка, 12 закони по скратена постапка, додека останатите 11 закони се донесени по скратена постапка за хармонизација со други закони или за одложување на примената на одредени одредби.