Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, „Насон прочитана книга“ претставува понирична авантура чиешто поаѓалиште е една библиотека, како онаа добро познатата на Борхес, инаку во неговиот „поимник“ дефинирана како вселена.
Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост. Но, тие способности ни се непознати и само повремено испливуваат од потсвеста, преку соништата. Со такви способности – според анонимниот автор – располагаат само поединци и во будна состојба, како самиот тој и некои други од разни епохи кои го сочинуваат неговото братство. Тие, свесни за својата моќ, мора будно да работат на своите етички доблести.
Авторката Соња Маџук во овој роман, преку заокружена приказна, внимателно осмислена структура и со раскошен стил, го поттикнува интересот за овие прашања на суптилен начин. Важна е и етичката димензија на романот, која сепак не преминува во некаква груба дидактика или морализирање.
Човештвото не е доволно зрело да се носи со способностите што ги поседува човековиот дух – тоа се чини, е идејата која е дискретно навестена и провејува низ целиот роман. А современоста како да дава силна потврда на оваа теза. Но, тоа и не е примарната придобивка од овој текст. Тој е пишуван со богата фантазија, непретенциозно искористени знаења од разни сфери, голема култивираност и елегантен јазик.
Ова меѓу другото ќе биде забележано во образложението на жирито во чиј состав беа Димитар Башевски ( писател и издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска ( уредник во книгоиздателството) со кое „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук е прогласен за добитник на наградата за најдобар необјавен роман на годината „ПЕГАЗ“ што ја доделуваат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Родена 1966 година во Скопје, Соња Манџук на литературната сцена се појави со поетската книга „Воопшто без“, во издание на Книжевната Младина на Македонија, во 1989 година. Две години подоцна ја објави збирката поезија на српско-хрватски јазик „Земјовање“, како награда на југословенскиот фестивал „Млади Мај“, Заечар.
Во нејзиното книжевно творештво следува новелата „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“, кој е прогласен за најдобра новела на анонимен конкурс, распишан од издавачката куќа „Феникс“ во 1993 година, а објавен во „Македонска книга“ во 1992. Таа е добитничка и на првата награда на конкурсот на „Студентски збор“ за расказот „Затвори го добро фрижидерот“ истата таа година, а по долга пауза во 2013 ја објави збирката раскази „Стилски вежби“ (Издавачки центар „ТРИ“), која влезе во најтесен избор за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело.
Манџук е колумнист во интернет-порталот „Слободен свет“.
Малку затечена од ваквиот след на настаните и од добивањето на големото признание, Соња Манџук ќе рече дека на Конкурсот се пријавила во последен миг и без некои посебни очекувања откако издавачите со истиот ракопис на два пати биле одбивани од Министерството за култура. Си рекла дека можеби е ова интересна можност да се обиде на овој начин романот да го здогледа светлото на денот.
„Многу ми е драго добивањето на оваа награда. Таа доаѓа во време кога на некој начин се откажав да аплицирам пред институциите или евентуално самата да го објавам романот. Дури почнав да мислам дека во овие и вакви општествени прилики дека и не е време за негово издавање. Но, еве излезе дека „Насон прочитана книга“ ја имала таа среќа да се најде пред читателите“, вели Соња Манџук.
Инаку, наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ракописите што беа оценети позитивно, оние кои влегоа во најтесниот избор од 77 пријавени на конкурсот, како „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Скриени желби, немирни животи“ од Владимир Јанковски, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Бричење петли“ од Владо Димовски и „Егеец“ од Владимир Плавевски“, исто така ќе добијат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“.
„Одѕивот на првиот конкурс за наградата „Пегаз“ ги надмина нашите очекувања. Седумдесет и седум ракописи, колку што пристигнаа до крајниот рок во мај, е факт што не смее да се занемари и што ни влева надеж дека македонската книжевност сè повеќе ќе се наметнува во регионалните, па и во светските книжевни рамки. Исто така, тоа имплицира дека во нашата земја сè повеќе се чита, зашто едното со другото одат рака под рака. Како што беше наведено и во објавата за конкурсот, издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе им понуди објавување на ракописите и на авторите кои влегоа во потесниот круг при жирирањето или кои беа издвоени како солидни книжевни остварувања. Доколку авторите се согласат, нивните дела ќе бидат вклучени во посебната едиција „ПЕГАЗ“, појаснува Бисера Бендевска од „Арс Ламина“.
Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината.