Капитал – Рекетарите ама и рекетираните мора да одговараат
Пристигна Капитал со новиот летен двоброј во кој неминовна е темата „Рекет“ и потресот што го направи во земјава. „’Рекетарите‘ ама и ’рекетираните‘ мора да одговараат“ – порачува неделникот во анализата во која, покрај другото, забележува дека „Рекет“ можеби не тежи во пари онолку колку што граѓаните се навикнати да чујат кога станува збор за сума, но дека тежината на оваа афера се мери со уништување на еден сон за правда и изневерување на очекувања и надеж на народ жеден за одговорност и казни. „И граѓаните и ЕУ бараат едно исто- ПРАВДА ЗА СИТЕ!“ – извикува авторката на анализата уште во насловот, за понатаму да потсети дека „летните одмори се покажаа како совршено оправдување за недоволните акции за брзо расветлување на аферата ’Рекет‘....“ и дека „јавноста реагира дека целиот процес на расчистување оди бавно“. Капитал наведува и податок што „долева масло на огнот“ – како што вели, имено дека Орце Камчев случувањата „ги следи пловејќи со својата јахта на патување од кое малкумина веруваат дека ќе се врати – напротив, сè погласни се шпекулациите дека и тој во некоја форма ќе го следи примерот на Груевски“. Во меѓувреме, потсетува Капитал, октомври наближува и со тоа одлуката за датум за преговори. ЕУ не отстапува од своите позиции – правда мора да има. Неделникот смета дека првичните пораки од ЕУ покажуваат дека европските челници и аферата и реакцијата на власта ја гледаат како дел од расплеткувањето на македонските криминални мрежи, а овој оптимистички поглед, пишува Капитал премиерот Зоран Заев ќе мора недвосмислено да го оправда, расчистувајќи го скандалот бескомпромисно и до крај. „Заев ова мора да го испорача најмалку поради европските математики, а пред сè поради македонските граѓани пред кои токму борбата со криминалот и корупцијата му беше клучно ветување“ – апелира Капитал.
Видете и ова: „Рекетот“ се отплеткува, обвинение за три месециФокус - Срамен крај на Катица Јанева – Специјалната обвинителка во апс
„Срамен крај на Катица Јанева – Специјалната обвинителка во апс“, и фотографија на Јанева како од дома ја спроведуваат полицајци во цивил – ја посветува Фокус насловната страница на главната „бомба“ од изминатите денови. Откако стана осомничена во случајот „Рекет“, Јанева и официјално влезе во „рекетарското“ друштво на Боки 13 и Кичеец... и иако знаеше дека нелегално прислушуваните разговори се силен доказ пред суд, самата дозволи гласот нелегално да ѝ биде снимен и да ја разоткрие, пишува во еден текст неделникот. „Ја улови ’криминалецот‘ кој таа лично требаше да го стави зад решетки. Е па, наздравје снимање“, порачува текстот. А во воведната колумна „За нештата да станат појасни“ авторот смета дека премиерот „никако не може да ја избегне политичката одговорност за рекетарското дивеење на самонаречениот крал, кој беше крунисан на престолот на измамата со државна и партиска помпа на владејачката СДСМ“ – и покрај тоа што тој го пријавил случајот „Рекет“ и што јавно инсистира органите на прогонот да расчистат до крај со сите вмешани во аферата.