Првата вест во сите медиуми е приведувањето на специјалната обвинителка во оставка, Катица Јанева и одредувањето нејзин притвор во затворот во Шуто Оризари. Ден потоа, првото прашање со кое се занимаваат медиумите е кој ќе раководи со СЈО откако Јанева е третоосомничена во случајот „Рекет“, приведена и упатена на 30-дневен притвор. Порталите на Независен и Слободен печат објавија наслови: „Законски нејаснотии кој ќе управува со СЈО по приведувањето на Јанева“ – го пренесува Независен текстот на МИА каде што се наведува изјавата на државниот обвинител, Љубомир Јовески на прес-конференцијата во средата, кој, повикувајќи се на Законот за јавното обвинителство рече дека во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Истава информација ја пренесува и Слободен печат. Вечер со инсинуации: „Која опасна теза ја наметнува државниот обвинител Јовески?!“, со забелешка дека се впуштил во коментари „со наметнување решение на Советот на јавни обвинители коешто е надвор од неговите овластувања“.
Во прегледов вклучуваме и некои други наслови во електронските изданија на печатените медиуми: „Русковска: Не би барала притвор за Јанева без доволно докази“; „Адвокатот на Јанева смета дека таа е жртва во случајот ’Рекет‘“; „Јанева: Не чувствувам вина за ’Рекет‘“; „Владата бара одговорност за сите вклучени во случајот ’Рекет‘“; „Следуваат уште апсења поврзани со ’Рекет‘“, насловува Нова Македонија наведувајќи дека повеќе македонски медиуми во средата пишувале дека била во тек голема полициска акција при што наводно „се приведуваат политичари и бизнисмени поврзани со аферата“. Независен ја цитира обвинителката Вилма Русковска на пресот во средата: „Освен Јанева нема други приведени“. Случувањата во средата, Вечер ги опишува со следниов наслов: „Катица Јанева заврши во притвор, СЈО ќе се памети како криминално водена организација“ и: „Заев ја брани Катица! Се плаши Катица да не пропее“ – објавувајќи изјави за Јанева од страна на премиерот Зоран Заев со постар датум, од 17 јули, кога тој изјави дека „стои зад Јанева и покрај шпекулациите за нејзина вмешаност во ’Рекет‘ и ќе ја почитува презумпцијата на невиност сè додека не се докаже дека е инволвирана во криминал“.
Електронските изданија на печатените медиуми ја објавија и веста дека и покрај притворот, Јанева со полициска придружба ќе оди во Гевгелија на погребот на мајка си. Во меѓувреме, „УЈП влегува во трите фирми поврзани со ’Рекет‘“, објави Независен, цитирајќи ја директорката на УЈП, Сања Лукаревска дека фирмите ќе бидат контролирани по основ на сите даноци и ќе се проверува на чии сметки се префрлувани пари и по кој основ.
Независен информира и за еден позитивен пример: „Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари им ги укина службените телефони на вработените во Општината, тие отсега сами ќе си ги плаќаат претплатата и сметките, како дел од кампањата ’Да го штедиме буџетот‘ за да се заштедат околу 20.000 евра годишно кои се одлевале од општинскиот буџет“.