Одговорност за сите мора да има, рече владиниот портпарол Муамед Хоџа, по проширувањето на случајот Рекет со обвинителката Катица Јанева. Тој вели дека случајот е потврда дека секој е еднаков пред правдата и законите. Владата повикува да се спроведе темелна и независна истрага што ќе заврши што е можно побрзо и ќе ги покаже сите детали.
„Одговорност мора да има за сите инволвирани. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудни органи. Ослободувањето на целиот правосуден систем дава резултати и очигледно е дека независноста се прифати како алатка која ги охрабри институциите и луѓето да дадат резултати кои се очекуваат од правната држава и владеење на правото“, изјави Хоџа.
Портпаролот вели дека Владата нема да дозволи случајот негативно да биде искористен за попречување на евроатлантските интеграции на земјата. Извршната власт очекува од сите истражни и правосудни органи, вклучително и од СЈО, натамошна безкомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција, рече Хоџа.
ВМРО-ДПМНЕ - Апсењето на Јанева да не биде акција за спас на кариерата на Заев
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Катица Јанева е само една алка од синџирот на организиран криминал во случајот Рекет и бараат да се откријат главните нарачатели. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на прес- конференција рече дека е скандалозно тврдењето на ОЈО дека двајцата претходно осомничени барале 8 милиони евра од осомничен во Империја, а Катица Јанева, која ја завршиле главната работа за која биле барани парите, зела предмети во вредност од 4500 евра. Тоа е скандалозно, смешно и потценувачки за интелегенцијата на граѓаните, рече Арсовски.
„Се додека не се стигне до главните инсипиратори и нарачатели, да се дознае улогата на политичарите, на Кики, на Фрики, и на Шеки, на главата на октподот Зоки Поки, нема да има правда во Република Македонија. Апсењето на Катица Јанева не смее да се претвори во акција за спас на кариерата на Зоран Заев кој е целосно компромитиран и разнишан. Точно да се знае одговорноста на главата на криминалниот октопод“, рече Арсовски.
Тој јавно праша што знае Заев за овој случај и побара да се утврди каде се парите земени од рекетот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Јанева нанела срам на кредибилитетот на обвинителниот систем и на самата правда, а, како што велат, ги изневерила и луѓето кои верувале дека ќе донесе правда, а ги изневерила и меѓународните претставници кои и давале поддршка.
Видете и ова: Рекет стигна и до Катица Јанева, судот одреди притвор за специјалната обвинителкаСДСМ - Одговорност мора да понесат сите инволвирани
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вели дека правната држава функционира, неселективно за сите. Никој не е над законите и секој ќе одговара за своите постапки, вели тој.
„Очекуваме истрагата да продолжи онаму каде што водат доказите, да ги покаже сите детали и никој да не биде поштеден, ниту амнестиран. Одговорност мора да понесат сите инволвирани, без разлика на политичка или на било каква друга припадност“, рече Костадинов.
Алијансата за Албанците бара да се истражат и случите за функционерите на ДУИ
Од Алијанса за Албанците ја поздравуваат одлуката на обвинителството да го расветли и до крај да го истражи случајот ,,Рекет”, носејќи ги на обвинителка клупа сите инволвирани во случајот вклучувајќи ја и Катица Јанева.
Од партијата апелираат до надлежните правни институции да ги истражат сите случаи во кој се инволвирани функционери на ДУИ, почнувајќи од случајот ,„Маџар телеком”, „Титаник 3″, „Пациент” како и случајот со злоупотреби во Пензиско-инвалидскиот Фонд.
УЈП ќе прави контроли кај физички и правни лица поврзани со Рекет
Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, најави дека до петок ќе дадат налози за отпочнување на контроли кај физички и правни лица поврзани со случајот „Рекет“,.
„До петок би требало да ги дадеме налозите за отпочнување на контролата во Меѓународниот сојуз, 1ТВ, БМЈ груп и сите останати даночни обврзници за кои преку анализите сме утврдиле дека постоеле одредени деловни односи и соработка. Ќе направиме и контрола на сите засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз за кои ќе ги утврдиме и исплатите кои се правени“, рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во УЈП.