Обид за цензура и за ограничување на слободата на говор претставува најавениот акциски план на Владата за борба против ширењето дезинформации, коментираат од медиумските организации и здруженија во однос на мерките кои се однесуваат, пред се, на работата на новинарите.
Според проактивните мерки во планот, Владата ќе ја поттикнува дискусијата меѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор со цел саморегулација, ко-регулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ја следат нејзината работа, ќе отвори дискусија со медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на содржини, како и едукативни програми и тренинзи на медиумските работници.
Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски вели дека Владата ако сака да ги отфрли сомнежите за злоупотреба, нејзината обврска e да ја гарантира слободата на изразување, процесот на консултации треба да биде максимално инклузивен и транспарентен.
„Со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки. Особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани и прес-конференции во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба со дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета на и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, порачува Секуловски.
Според него, Владата треба да знае дека дефинирањето на професионалните стандарди и оценка за тоа дали некој медиум или новинар е етичен може да го прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не институција или работна група во рамки на Владата.
ЗНМ, како што наведува, го охрабрува потегот на Владата за одбранбен механизам внатре во институциите. Секуловски посочува дека ЕК веќе има план за превенција, но мора да се има предвид и локалниот контекст и затоа новинарите и медиумите да имаат силна улога во креирање на стратегијата. Тој додава и дека саморегулацијата е важна во борбата со дезинформации, но ако се размислува за ко-регулација или законска рамка на тој начин Владата го руши концептот на саморрегулација.
Видете и ова: Владин план против дезинформации или вовед во цензура?Доколку Владата покаже и докаже дека граѓанското општество ќе го има главниот збор и координацијата со сите засегнати страни во борбата против дезинформациите ќе биде примарна, тогаш ќе сметаме дека процесот е инициран на вистинскиот начин, вели директорката на Советот за етика на медиумите Марина Тунева.
„Јас дури би рекла и дека сите овие актери треба активно да учествуваат во креирањето на предлог акцискиот план. Не само во неговото толкување и интерпретација. Улогата на медиумската заедница и граѓанскиот сектор е многу повеќе отколку само набљудувач на состојбите. Пристапот од врвот надолу ризикува да биде злоупотребен и да се претвори во цензура и оттука таа заедничка координација меѓу сите важни чинители во оваа сфера е од примарно значење“, вели Тунева.
Додека владата го презентираше планот, на распит во полиција беа повикани новинарите Горан Момировски и Љупчо Златев. Момировски вели дека е очигледно оти се работи за обид за притисок по неговите пишувања за случајот со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
„Притисокот нема да успее секако, бидејќи и на луѓето кои вчера разговараа со мене им е јасно дека се работи за јавен интерес, како и на голем дел од луѓето кои вчера и денеска ми се јавуваат од Виена, Брисел и од Стразбур кои даваат поддршка. Од тој аспект навистина не чувствувам притисок иако се работи за обид за притисок. Посебен проблем се информациите коишто ги добивам од институциите и од Владата кои зборуваат за наредба од најгоре да се гонат тројца македонски новинари, меѓу кои сум и јас“, вели Момировски.
Тој додава дека поддршката покажува оти е погрешен начинот да се гонат тие што објавиле информации поврзани со јавен интерес, а коишто укажуваат на потенцијална корупција. АВМУ го осуди повикувањето на разговор на новинарите и најави дека за притисоците ќе ги информира дипломатскиот кор, ОБСЕ и Советот на Европа.