Глобус - Правдата не тропа на вратите на влијателните персони
Глобус ја оправдува својата констатација дека „целиот правен систем“ или третата власт е целосно падната и дека „штом правдата чукне на порта на која е закачено името на некоја повлијателна персона од претходната политичка или судска гарнитура како да се менува климата и чувството за правичност“. Глобус реди: отфрлањето на барањето на Финансовата полиција против ексминистерката за култура, Елизабета Канчевска Милеска – неделникот прашува дали тоа не е „некоја вратка за нејзиното гласање за промена на Уставот“; oслободувањето на Латас за трите хациенди во Зелениково изградени без соодветна дозвола. По развлекување на процесот од страна на Латас, Судот го ослободи со образложение дека надлежните органи требало да реагираат и да го казнат за дивоградбите, но Латас и браќата му во меѓувреме си ги легализирале. Судијката била во кумство со поранешниот близок соработник на Груевски, Мартин Протуѓер; намерата на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, предложен за разрешување, заедно со уште деветмина врховни судии, поради поранешната одлука за укинување на мерката притвор за Сеад Кочан и поради бегството на Горан Грујовски и Никола Бошковски во Грција, да одржи седница на која тој и истите тие судии треба сами да одлучат дали да се ослободат од предлозите за разрешување; па судењето на судии и судски службеници во битолска Апелација за случајот „Јустиција“ при што, дел од обвинетите се ослободени од вина, а за дел обвинението е одбиено поради застареност. Судските трошоци од 100.000 евра одат на сметка на државниот буџет; следува и случајот со ексминистерката на полицијата, Гордана Јанкулоска, која требаше да оди в затвор зашто детето ѝ наполни 1 година, но Врховниот суд го одложи заминувањето... „Ние си остануваме држава во која правдата главно се вежба врз стариците кои продаваат лозов лист на влезот на пазарите или лица кои крадат ќебапи од кујните на рестораните“, заклучува Глобус.
Видете и ова: Местенките во АКМИС ќе отворат стари пресудиФокус - Комичен атак на Кремљ – Руска петарда
Главно место на насловната на Фокус му е доделено на насловот: „Комичен атак на Кремљ – Руска петарда“, а во текстот се наведува дека „експресното соочување на премиерот со јавноста без да избегнува најдиректни новинарски прашања ги амортизираше руските ’бомби‘ во петарди“. А во уводникот, покрај другото пишува дека „секоја афера во која власта се компромитира за опозицијата е добредојдена, но безбедносно-комуникациското пробивање на премиерот заради руски интереси, а насочено против евроатлантската иднина на Македонија, не смее да биде легитимен интерес на ВМРО-ДПМНЕ. Освен, се разбира, ако тоа не е скриена агенда на партијата што ја води Мицоски!“ – иронизира Фокус.
Видете и ова: Заев – Жртва сум на анти-НАТО група, ВМРО-ДПМНЕ бара оставкаИнаку, на насловната на неделникот има уште два интересни наслова: „Трошењата на експретседателот под лупа – Иванови пазареле во супермаркети и честеле приватни гости на државна сметка“, открива Фокус. Неделникот, кој добил податоци само за четири месеци, пишува дека Иванови потрошиле во супермаркети 95.000 денари, дека сите приватни гости претседателот Иванов си ги пречекувал на државна сметка, а неговото обезбедување само за четири месеци, за топол оброк потрошило 5.500 евра, без да се води сметка дека на тоа имаат право само ако работат прекувремено.
Втората тема на насловната има врска со министерот Филипче и ресорот што го води: „Здравјето стана луксуз“ – загатнува неделникот. „Филипче нема пари за домашните лекари, а странските ги плаќа и по 4.000 евра!“ Клиниката за детска хирургија, открива Фокус, ангажирала тројца странски лекари кои за повремено доаѓање во земјава земаат вкупно 86.900 евра годишно, а од истата клиника за период од 1 година заминаа тројца врвни хирурзи! – се исчудува неделникот.