МОФ: Дали високото образование ќе стане владин приоритет?

Младинскиот образовен форум (МОФ) реагира дека сè уште не се применува Законот за високо образование (ЗВО) донесен минатиот мај и не се формирани телата што тој ги предвидува. Како што се наведува, законот беше долгоочекуван и внесе надеж кај академската заедница и стручната јавност.

„Помина повеќе од една година од донесувањето на овој закон, пропуштени се речиси сите рокови за формирање нови тела предвидени во него, а сè уште нема најави ниту кога ќе се случи изборот на нови и легитимни студентски претставници. Тој предвидува формирање Агенција за квалитет на високото образование, која треба да биде составена од одбор за евалуација и одбор за акредитација. Оваа Агенција беше голема надеж за конечно унапредување на квалитетот на нашето високо образование. Рокот за нејзино основање е една година од донесувањето на новиот ЗВО, но Агенцијата се уште не е основана, ниту пак одборите за евалуација и акредитација“, наведува МОФ.

Одборот за акредитација е тело кое, меѓу другото, дава дозволи за формирање високообразовни установи, како и нивно одземање, а Одборот за евалуација го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на академскиот кадар на високообразовните установи и му предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или одземе акредитацијата. Според тоа, истакнува МОФ, во моментов во државата не постои тело кое го оценува и следи квалитетот на академскиот кадар на високообразовните установи и нивните студиски програми.

Видете и ова: Случај Адеми - злоупотреба на функцијатa или политичка одмазда?

Законот предвидува и една година по неговото стапување во сила да се формира Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, кој исто така сè уште не е формиран, ниту пак, има најави за тоа. Дополнително, предвидува и Студентски правобранител како посебен орган на Универзитетот, кој ќе се грижи за правата на студентите и ќе постапува по нивни претставки, како и по своја сопствена иницијатива.

„Ова исто така не е исполнето, а студентите чии права се прекршуваат и натаму немаат кому да се обратат за помош. Истовремено, нема никакви најави кога ќе се случат изборите за студентски претставници на најголемиот и најстар македонски универзитет – „Св. Кирил и Методиј“, иако новиот закон предвидуваше најдоцна во ноември 2018 година. Згора на сè, и покрај тоа што законот предвидува рок од шест месеци од негово стапување да се спроведуваат избори, тоа не се случи. МОФ како младинска организација која постојано го следи статусот и состојбата на студентското организирање веруваше дека студентите најпосле ќе добијат свои претставници, па оттаму ќе можат директно да се вклучат во процесот на донесување одлуки во рамки на факултетот и на универзитетот на кој студираат“, наведува Младинскиот образовен форум во реакцијата.

Со оглед дека се предвидени и глоби во делот за прекршочни одредби од Законот за високото образование, МОФ прашува дали надлежните институции ќе бараат одговорност од универзитетите и факултетите за непочитување на законот и дали, како што наведува – конечно квалитетот на високото образование ќе се вброи меѓу приоритетите на нашите влади?