Ќе се обврзе ли ЕУ со датум за преговори?

04.06.2018, Брисел, средба Заев - Јункер

Септември, октомври или без точен термин за одлучување за датумот за почеток на преговорите со ЕУ, се трите опции кои кружат како можни во европските кругови во пресрет на денешниот состанок во Луксембург.

По денешниот состанок во Луксембург на Советот за општи работи на Европската унија се очекува работите за датумот за преговори за земјава да станат појасни.

Македонскиот државен врв очекува датум скоро, со што преговорите за зачленување во унијата би почнале годинава, но информациите кои стигнуваат од земјите-членки зборуваат за можно одложување.

За извесно веќе се смета дека министрите на Европската унија нема позитивно да одлучат за ова прашање, но останува неизвесно каква порака ќе пратат и дали воопшто ќе се дојде до отворањето преговори оваа година.

Во изминатите два дена, како што јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, амбасадорите на земјите членки на Европската унија во повеќе наврати расправаа за формулациите за Албанија и Северна Македонија, а нацрт-заклучоците се менуваа неколку пати. Текстот мина низ промени и во него се уште нема согласност околу точната формулација која министрите денеска треба да ја усогласат.

Како што се дознава од добро информирани извори, некои земји-членки на Европската унија не се согласиле со првиот нацрт-текст во кој се нагласува дека одлуката ќе биде донесена оваа есен и ќе биде позитивна бидејќи сметаат дека не треба да се прејудицира одлуката која треба дополнително да биде донесена.

Ќе има ли термин за датумот?

Дописничката на РСЕ јавува и дека очекувањата се оти министрите најверојатно нема да се обврзат со временската рамка кога ќе одлучуваат за датумот за почеток на преговорите. Во нацртот, кој до вчера се сметаше дека е извесно оти ќе се усвои, се наведуваше дека во септември ќе се расправа за датумот за Северна Македонија и Албанија. Подоцна септември беше сменет со октомври, а според некои информации во новите верзии воопшто и нема да се спомене конкретен термин кога би се разговарало за ова прашање.

Се погласни се информациите од некои земји членки дека е можно и други да го следат примерот на Холандија чиј парламент ги раздвои Северна Македонија и Албанија, а пратениците се изјаснија против отворањето на преговорите со Тирана, а ја отфрлија истата резолуција што се однесува на Скопје.

Рот: преговори што е можно побрзо

Пред почетокот на денешниот состанок германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот се заложи за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија „колку е можно побрзо“.

“Нашата позиција е најбрзо што може да се договориме за почеток на пристапните преговори. Во прашање е почеток на долги и тешки преговори, но станува збор за кредибилитетот на ЕУ и стабилизирање на демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите во овие две земји кои нема да функционираат без ЕУ”, рече Рот.

Минатата недела премиерот Зоран Заев се сретна со шефицата на Рот, канцеларката Ангела Меркел во Берлин. Состанок, самиот Заев навести дека ќе биде и индикатор за тоа што ќе прави тој во Скопје со владата што ја предводи, а по 40 минутната средба излезе со впечаток дека “силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ”.

Инаку во мај Европската комисија даде препорака Република Северна Македонија да ги почне преговорите за зачленување во Европската Унија.