Сите портали го пренесуваат одговорот на премиерот Зоран Заев на странски новинари во Брисел по форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“ што се одржа во главниот град на Белгија во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европски политики.
Нова Македонија ги пренесува зборовите на премиерот Заев: „Европската комисија ја повтори безусловната препорака, како резултат на исполнетите услови, и Македонија сега очекува и Европскиот Совет да ја прифати препораката. Секоја друга одлука ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок...“
Вечер оди со два наслова: „Заев: Ако не добиеме датум за преговори, можно е Владата да падне“, и вториот: „Пада Влада?“, а потоа го цитира Заев: „Оваа стабилна Влада, со сите тешки одлуки што ги донесе, најверојатно ќе ја изгуби довербата на мнозинството во Собранието ако летово не добиеме датум... Ако има избори, граѓаните се тие што ќе одлучат... Или ќе ја поддржат оваа прогресивна, проевропска опција, или оние што ги блокираат овие процеси и што некои ги нарекуваат проруски или националистички и радикални“.
И Слободен печат го објавува одговорот на Заев на прашањата на странските новинари во Брисел.
Независен на насловната на печатеното издание објавува: „Недавањето датум како опасност за Владата – Заев: ЕУ ќе ме смени“. Друга насловна страница на Независен објавува: „Германскиот Парламент ќе тактизира до есен – Берлин ќе одлучува за датум дури во септември“.
Видете и ова: Граѓаните разочарани од одолговлекувањето на датумот од ЕУНезависен ја објавува изјавата од интервјуто за Гласот на Америка на македонски на Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија: „Ако ЕУ не одреди датум за преговори во јуни, ќе има во јули или во октомври... зависно од внатрешните процедури на Бундестагот... Сепак, САД се надеваат и го поддржуваат Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори“, изјавил Палмер.
Весниците информираа и ја следеа посетата на Скопје на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг и на Северноатлантскиот совет со претставници на сите 29 земји членки на НАТО, кои се сретнаа со државно-владиниот врв.
На Криволак почна досега „Најголемата воена вежба во историјата на државата, учествуваат 2.700 војници од земјава, потоа од САД и уште од 4 држави членки на НАТО“, како што наслови Нова Македонија.
„Во сабота Заев ќе го објави новиот владин Кабинет“, ја пренесува Вечер неофицијалната вест на Алсат-М, до кога се очекувало да „падне“ и договорот со ДУИ за двајцата функционери од таа партија кои ќе бидат опфатени со „метлата“ на премиерот.
Нова Македонија со наслов: „Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги реагира што двајца телевизиски новинари работат и како советници на Заев“.
Слободен печат информира дека „Над 1.000 родители кои потпишале изјава дека нема да ги вакцинираат децата ќе се најдат на суд“, откако ќе треба да платат казна од околу 500 евра или ќе им бидат поднесени прекршочни пријави и ќе завршат на суд.