Кумановци очекуваат повеќе од централната власт

Се гради катна гаража во центарот на Куманово

Централната власт треба повеќе да стори за подобрување на состојбите во Куманово, коментираат кумановци, оти сега и локалната и централната власт се од иста коалиција.

Граѓаните на Куманово од централната власт очекуваат поголема помош за локалната самоуправа зашто сега се од иста коалиција, но како што велат, некако забавено се движи процесот. Советниците од Коалицијата на СДСМ сметаат дека сепак има позитивни ефекти во однос на периодот кога најголемата самоуправа во државава беше опозиција на централната власт, додека од ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека очекувањата биле поголеми од покажаните резултати.

Кумановските новинари Снежа Петковска, Сања Атанасовска и Марјан Стошевски имаат свои видувања.

„Во Куманово освен по некоја афалтирана уличка некоја капитална инвестиција нема. Почна катна гаража да се гради, но кога ќе биде изградена и дали ќе биде ставена во функција ќе видиме. Така што мислам дека локалната власт треба многу повеќе да работи во наредниот период до крајот на мандатот, зашто ако продолжи вака на следните избори може да дојде и до промена на власта“, вели новинарката Снежа Петковска

„Според мене има некои позитивни промени, се гради катна гаража, подобрена е хигиената во градот, има повеќе садови за смет, дрвените делови од клупите кои што беа демонтирани за кусо време беа вратени назад, што значи дека некој тука работи. Но, треба да помине подолг период за да споредиме дали овој градоначалник бил подобар, полош или ист како и претходниот. Сепак очекувам дека треба со позабрзано темпо да се работи затоа што има многу нерешени комунални проблеми“, вели новинарката Сања Атанасовска.

„Би сакал во мојот град да се реновира Спортската сала и Соколана, бидејќи сум човек од спортот. Тоа е мојата најголема желба и се надевам дека актуелниот градоначалникот до крајот на мандатот таа работа ќе ја заврши, што ќе биде голем бенефит младите генерации повеќе да се занимаваат со спорт, а тие се иднина на нашиот град“, вели новинарот Марјан Стошевски.

Анета Шандева-Доневска општински советник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа што централната и локалната власт се од иста коалиција за Куманово не изгледа како предност, дури во одредени работи и како негативност. Куманово како да е отфрлено од централната власт.

РСЕ: Како што беше во времето кога вашата партија беше на власт?

„Не можам да правам таква паралела бидејќи сум припадник на ВМРО –ДПМНЕ, тоа е долга тема, туку тогаш имаше опструкции од локалната власт во кои и во тоа време учествуваше и сегашниот градоначалник и голем дел од проектите воопшто не стигнаа до одредени министерства за да има некаков бенефит за Куманово. Денешната состојба би ја оценила со нула, но да дадеме единица за да има поправен до крајот на мандатот“, вели таа.

Според Шандева-Доневска минимални средства се добиени за долго ветуваната индустриска зона во селото Речица, толку колку што се потребни да се изгради дел од патот за да се стаса до неа. Ниту е тоа инвестиција, ниту во градот има некој капитален објект.

„Се соочивме со едно скеле од гаража за кое ние советниците конструктивно гласавме, се радувавме дека ќе се прошири паркинг зоната, ќе се ослободи овој центар од преголема загаденост,што исто беше едно од ветувањата на градоначалникот. Имаме едни столпчиња на Булеварот „Октомвриска револуција“ и ништо од програмата на локалните избори нема изреализирано. Сметам дека не е виновна само централната власт,туку и нашите моќници и челници треба да најдат начин и да си ја гледаат работата.“

Шандева-Доневска вели дека приоритет е да се преземат мерки за чист воздух бидејќи тоа било и едно од првите ветувања на локалната власт, да си ја прочитаат убаво програмата и чекор по чекорда се зафатат со работа.

За советниците Владимир Павловски од СДСМ и Сунчица Јосифова од НСДП состојбата во Општината Куманово е подобрена во однос на периодот кога централната власт беше од друга опција.

„Во периодот на актуелната централна власт има влезено повеќе инфраструктурни проекти, како што се регионалните патишта Куманово-Свети Николе, Куманово-Крива Паланка, кон Лојане и Никуштак, на иницијатива на локалната, а со помош на централната власт започната е изградба на канализациона мрежа во селото Тромеѓа и други проекти кои допрва ќе се реализираат.“

Во однос на културата Куманово имаше проблем со ресорното Министерство за прекинување на дведецениската традиција на одржување на театарскиот фестивал „Денови на комедијата“. Останува нерешен проблемот и на Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ за неисплаќање средства за јули и август.

Јосифова пак вели дека по долг период има позитивности во Куманово.

„Конкретно изградба на катната гаража која беше најавувана со години наназад, за пофалба е и поставените столпчиња на Булеварот „Октомвриска револуција“ и на другите места, зашто навистина тротоарите и велосипедските патеки беа узурпирани и беше небезбедно движење на луѓето,особено на мајките со мали деца и со количка.“