Граѓанско помирување предизвик на поделеното општество

Според дел од аналитичарите граѓанското помирување кое претседателот Стево Пендаровски го спомена во инаугуративниот говор е можно, но до него се доаѓа преку политичкото. Други сметаат дека претседателот зборува за граѓанскиот концепт, а не етничкиот кој е длабоко вкоренет во македонското општество.

Во македонското општество во кое личностите сѐ уште се гледаат низ призма на политичката припадност, со особена претпазливост се сфаќаат ветувањата за таканаречено граѓанско помирување. Токму тој процес дојде како ветување од страна на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски откако и официјалното седна во претседателската фотелја.

„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето блиско минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом, рече Пендаровски во својот инаугуративен говор во Собранието.

Видете и ова: Пендаровски - Време е за граѓанско помирување

Пендаровски најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството ќе ги штити правата на политичкото малцинство и оти максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи“.

А граѓаните, и во анкетата која ја направивме по случаен избор, ги покажаа своите поделени ставови. Едните сметаат дека ако се има добра волја може да дојде до помирување. И други, веќе уморни од политиката, кои велат дека никој и ништо, не може да не обедини.

„Не знам дали ќе дојде до граѓанско помирување, ама толку посакувам еднаш тоа да се случи. Јас не сум политички определена, меѓутоа сакам да живеам во држава каде што има граѓанско помирување.“

„Ако има волја мислам дека може да се случи тоа, тој е претседател на државата и сигурно има некаков план како тоа да го направи.“.

„Поделеноста постои и ќе постои, искрено не гледам напредок и не знам што сакал да каже претседателот...“

„Па, најмногу има политичка поделба, а ако претседателот си ја работи работата како што му налага, нема да има никаков проблем да се најде тоа помирување помеѓу едните и другите.“

„Силата е во нивни раце, зошто да не можат да не помират тие што се на власт“?

„Ако се сака, се може. Ако се сака да се договорат, ќе биде, ако не сакаат, значи нешто не е во ред кај нив“, велат дел од граѓаните коишто ги анкетиравме.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека помирувањето, за кое зборува Пендаровски, е всушност политичкото помирување, односно старт на политичкиот дијалог во однос на евроатлантскиот концепт, иако како што додава, тука влегува и меѓуетничкото обединување околу истата визија.

„Мислам дека кога зборува за граѓанско помирување, мисли дека тоа не треба да се врзува за партии или за етникуми, меѓутоа сепак е тоа политичко помирување бидејќи е помирување, односно обединување под еден ист политички наратив. Се разбира начинот тоа да го постигне е да почне политичка инклузивност, односно да ја вклучува опозицијата во клучните проекти, да оствари редовен дијалог со опозицијата итн“, вели Арсовски.

Некои од аналитичарите пак велат дека процесот на кој алудира новиот шеф на државата претпоставува воспоставување на граѓанскиот наспроти етничкиот модел, што пак не значи обединување, туку воспоставување на нови односи меѓу луѓето на ниво на индивидуи наместо на групи и етницитети.

„Доколку претседателот мислел на ова и доколку својата политика ја води во ова насока, тоа е еден исчекор напред, затоа што многу голем дел од она што претставува обременување на политичката сцена во Република Северна Македонија произлегува токму заради тој вид на вкоренета поделеност на етнички или некои други групи, наместо на флексибилно поврзување на граѓаните како индивидуи во различни интересни структури“, вели професор Мирјана Најчевска.

Според некои експерти, помирувањето како термин звучи прилично популистички, бидејќи како што додаваат граѓаните нема зошто да се помируваат, а наместо тоа треба да живеат заедно и да с собираат околу различни потреби и интереси.

„Јас не гледам проблем меѓу граѓаните, но гледам проблем во интересите на политичките партии, тие создаваат раздор и ги штитат нивните интереси особено во период на избори. Мислам дека партиите се двигатели на проблемите меѓу различни политички групи, а кај граѓаните не гледам набој или проблеми по било која основа“, вели универзитетскиот професор Хасан Јашари.

Неговиот колега Али Пајазити вели дека претседателот на државата и тоа како може да помогне во помирувањето и градењето на едно општество во кое коегзистираат повеќе култури, и токму на тој начин ја сфаќа најавата на Пендаровски.

„Тој (претседателот) може со својот начин на обраќање, со младешката харизма којашто ја поседува, со динамиката, да придонесе за градење на мостови меѓу сите етникуми и градење на вистински мултикултурализам и плурално осново и на тој начин да придонесе да се случи помирувањето и обединувањето“, вели Пајазити.

Арсовски, кој сепак алудира на политичкото помирување преку евроатланската егенда, потенцира дека вклучувањето на опозицијата може да почне преку посериозен инклузивен договор околу европските реформи, бидејќи околу нив немаме спор. Затоа во периодот што следи ќе биде клучно како ќе се однесува опозицијата, односно дали таа ќе биде конструктивна и дали активно ќе учествува во националните и стратешки интереси на државата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Национална дебата за надминување на поделбите

„Се разбира, тоа не зависи само од Пендаровски, зависи и од опозицијата колку ќе биде подготвена на тоа, и зависи од тоа за колку брзо Македонија ќе ги започне преговорите. Ако Македонија не ги почне преговорите брзо, тогаш опозицијата ќе има изговор дека наградата од ЕУ не е стигната и ќе има право, односно ќе може да говори дека нема потреба од политичка инклузивност“, вели Арсовски.

Но, прашање е како да се дојде до тоа политичко помирување ,ако се има предвид поделеноста во општеството токму во однос на договорот од Преспа, кој пак е услов за откочување на евроинтеграциите.

„Секако дека тој за Преспанскиот договор ќе мора да поработи малку повеќе со опозицијата, која ги праќа сите сигнали дека сè уште не го прифатила до крај, но тоа е прашање на време. Тоа мора да се работи постојано и мора да почне со некаков посериозен политички инклузивен договор, првенствено околу европските реформи, бидејќи околу нив немаме спор“, вели Арсовски.

Професор Најчевска вели дека воспоставувањето на граѓанскиот концепт како своевидно помирување ќе биде многу долготраен и тежок процес.

„Тоа е многу тешко, затоа што целокупниот развој на нашата држава до денес се базира на градење на етничките блокови и покрај тоа што во сите заложби се зборува за граѓаните и граѓанскиот модел, ние всушност градевме и градиме етнички базиран модел. Така што тоа бара коренити промени и во начинот на размислување и во начинот на структуирање на власта која нема да се базира на поделба по етнички линии, туку ќе дозволи пробивање на мерит системот и искористување на сите интелектуални капацитети на оваа наша држава“, изјави Најчевска.

Видете и ова: Македонија мора да ја надмине длабоката поделеност

Претходно и премиерот Зоран Заев најавуваше помирување, но тоа на крај заврши со амнестија на пратениците од опозицијата кои гласаа за промена на Уставот.

„Ние можеме да бидеме со голема надеж за перспективата на нашата држава, но доколку дома не си ги средиме работите, тоа ќе биде само кочница за нашиот раст и развој за унапаредување на вкупниот квалитет на животото во земјата. Во време кога се помиривме и со соседите, зарем не може дома да се помириме“, праша Заев од собраниската говорница во февруари годинава.

И поранешниот претседател Ѓорге Иванов, во неодамнешното обраќање по повод посетата на папата Франциск ги повика граѓаните на помирување и простување и порача дека присуството на папата може да помогне, како што рече, во духовната обнова на земјата. Зборувајќи за актуелната политичка ситуација рече дека папата доаѓа во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради, како што додаде „прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница“.

„Затоа како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина“, му рече Иванов на папата Франциск.

Обраќајќи им се на официјалните претставници на државата, на дипломатскиот кор и цивилниот сектор, папата рече дека земјата е мешавина на култури како и на етнички и религиозни идентитети, кои довеле до мирен и траен соживот. Папата апелираше земјата да продолжи на тој пат со цел да претставува светилник на мирот, прифаќањето и плодна интеграција на култури, религии и народи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Папата Франциск: го загубивме вкусот на братството

Дебата за помирување во Франција

А, како е во светот? Повеќе од три месеци во Франција траеше таканаречената „Голема национална дебата“, како одговор на протестите на „жолтите елеци“ чиј национален револт во врска со животниот стандард му ја донесе најголемата криза на претседателот Емануел Макрон откако ја презеде функцијата. Станува збор за над 10.000 состаноци со граѓаните, околу два милиона онлајн придонеси и 100 часа разговори со претседателот.

Гоце Атанасов

Дебатата во јануари ја започна претседателот Емануел Макрон како одговор на протестите на „жолтите елеци“ чиј национален револт во врска со животниот стандард му ја донесе најголемата криза откако ја презеде функцијата. Со поканата до гласачите да учествуваат, Макрон имаше двојна цел: гневот од улиците да го насочи на состаноците кај градските власти, како и да го го омекне својот имиџ, покажувајќи дека е отворен за слушање.

„Имам намера да го трансформирам гневот во решенија“, напиша тој во отвореното писмо на 13 јануари, осврнувајќи се врз протестите, блокирањето на патиштата и постојаните немири на Шанзелизе во Париз.

Многуте учесници демонстрираа извесен ентузијазам, а претседателот очигледно уживаше во средбите со гласачите при што некои траеа и по шест часа. Неговиот катастрофален рејтинг кон крајот на минатата година се зголеми на околу 30 насто. Но, поранешниот инвестициски банкар откако ги соопшти предлозите направени по големата дебата се соочи со критики од неговите противници кои дебатата ја нарекоа „големо национално бла бла“.

Критики имаше и за тоа дека на состаноците не беа доволно застапени претставници на „жолтите елеци“. Еден стрип на насловната страница во сатиричното списание „Шарли Ебдо“ прикажа двајца демонстранти кои учествуваат во дебата - но само за да решат кое сечило да го употребат додека го ставаат Макрон на гилотина. Макрон, како што се очекуваше, повратните информации ги претвори во предлози. Кон крајот на април од Елисејската палата тој ги обелодени долгоочекуваните планови.

„Се прашав: дали грешиме? Мислам токму спротивното. Мислам дека тековните трансформации, неопходните трансформации што треба да ги извршиме во нашата земја, не смеат да запрат, бидејќи тие длабоко одговараат на аспирациите на нашите сограѓани. Тие не се доволно брзи, за некои не се доволно радикални, недоволно човечки, но навистина мислам дека одлуките донесени во текот на првите две години беа, на многу начини, фер“.

Макрон објави серија мерки за да одговори на загриженоста околу куповната моќ која тоне и вети дека ќе ги намали даноците за работниците од средната класа. „Сакам да ги намалам даноците за максимален број граѓани, а особено оние кои работат, средната класа“, рече тој, ветувајќи дека ќе го намали бројот на пратениците и ќе го промени парламентарниот систем за гласање за да стане порепрезентативен за разновидноста на француските политички партии. Макрон, исто така, најави промени за полесно иницирање локални референдуми. Сепак, активистите вклучени во петмесечните протести на жолтите елеци оценија дека се разочарани од одговорот на претседателот Емануел Макрон на нивните барања за економско олеснување за работниците.

Генералниот секретар на Националното здружение на независни административни и технички лица Жорж Кнехт вели:

„Ако со еден збор можеме да ги сумираме барањата на нашата заедница, тоа е признание. Во моментов, немаме признание, што значи дека сме под притисок, што се доживува се повеќе и повеќе низ сите услуги. Луѓето имаат впечаток дека не се признати за она што го работат. Тоа е тоа со еден збор. Во моментот кога овие лица ќе се признаат, ќе следи сè друго“.

Лорен Бергер, генерален секретар на Француската демократска конфедерација за труд пак, оценува: „Она што е сигурно е дека, уште еднаш, ако нема социјална правда, ако нема даночна правда, не постои позитивен исход на оваа голема дебата. Тоа значи дека навистина ни треба време за да разговараме за решенијата“. Сепак, критичарите не се многу уверени во тоа.

Десничарскиот весник Ле Фигаро уште во почетокот на големата дебата напиша „Франција не е тркалезна маса или политички бреинсторминг. Сега сите - граѓаните, пратениците, па дури и министрите - очекуваат одлуки“.