Достапни линкови

Македонија мора да ја надмине длабоката поделеност


Архивска фотографија - Macedonia -Антиопозициски протест во Скопје
Архивска фотографија - Macedonia -Антиопозициски протест во Скопје

Најмалку четири-пет години ќе бидат потребни за надминување на поделбите во општеството. Идната влада треба да ја релаксира атмосферата, оти во спротивно може да дојде и посериозни конфликти

Ќе треба години за да се намали поделеноста меѓу граѓаните, а идната влада треба веднаш да почне да работи на тоа, оценуваат упатените. Изборните резултати, како никогаш досега, покажаа сериозна поделеност меѓу граѓаните, па околу 455 илјади го дадоа својот глас за ВМРО-ДПМНЕ, а речиси 437 илјади за СДСМ. Овој изборен резултат следуваше и по жестоката конфронтација меѓу раководствата на двете најголеми партии, што дава уште посериозен контекст на поделбите.

Според Илија Ацески, професор по социологија на Универзитетот Кирил и Методиј, поделбите се длабоки, но не се идеолошки. Ќе треба време да се излезе од маѓепсаниот круг на меѓусебни обвинувања на политичките елити, додава Ацески.

„Партиите се поделија, елитите се поделија, тоа го пренесоа на членството и тоа буквално го транспортираа меѓу населението, меѓу широките народни маси и го добивме тоа што го имаме сега. Ќе треба долго време, најмалку четири-пет години за да се вратиме во нормала“, вели Ацески.

Освен по партиските линии македонското општество е поделено и по етнички линии, оценува професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа Сефер Тахири. Новата влада треба да преземе многу сериозни чекори за враќање на довербата во институциите и меѓу луѓето оценува тој.

„Ние имаме поделеност која, сметам, ја води Македонија секогаш на интраетнички или интеретнички конфликт “, вели Тахири.

Од друга страна, доколку веднаш не се започне да се работи на намалување на поделбите, а политичките елити продолжат со нивно разгорување, може да дојде и до физички пресметки, предупредува Ацески. Тахири, пак, сугерира дека е неопходно целосно општествено помирување.

„Мислам дека со сериозна одговорност и ангажман од институциите треба да се работи на општествено помирување, кое на некој начин треба да придонесе за стабилизација на земјата и институциите да трошат повеќе енергија на спроведувањето на реформите, а не на менаџирање на конфликтите и инцидентни ситуации“, вели Тахири.

Покрај итните реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, една од главните одговорности на владата мора да биде и создавање на порелаксиран амбиент во општеството, оценуваат упатените.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG